RIBAR.com.mk

RIBAR.com.mk

Администратор

URL на вебсајтот: http://www.ribar.com.mk
Среда, 27 Септември 2017 13:47

Спин дружење Маврово 2017

Колеги, другари, рибари, на 01.10.2017 во недела ке се одржи риболовно дружење на Мавровско Езеро во спин техника. Ова ќе биде како втор дел од дружењето кое се одржа и беше прекинато поради лошите временски услови во месец Мај. Во план е да биде од два дела првиот утрото на Црн Камен од 7.30-8 часот до 12, Пауза за кафе или доручек и втор дел на потегот кај браната во Маврови Анови. По завршувањето на дружбата да се собереме во Мал Одмор да се сумираат резултатите и впечатоците. Планирано е да се собереме околу 7 часот и да се договорат деталите. Во соработка со НП Маврово ќе дојде рибочувар на лице место да се извадат дневни дозволи. Доколку некој има некоја идеја може да ја пише тука. Повелете да се дружиме во недела.

Вторник, 19 Септември 2017 08:32

Берсин ... тренинг со Јане

Берсин ... прекрасна вода на само 150 км од Скопје .
Вода во која никој не знае што се крие, вода полна со природна храна .
Бидејки се пријавивме на Купот на Берсин од 21-24 Септември, решивме со Јане да направиме еден тренинг риболов и да пробаме како работат мамците. Јане отиде уште во четвртокот да намести позиција а јас стигнав во петокот рано сабајле. Времето беше перфектно, исто како и најавата за него. Според прогнозата не очекуваа три сончеви дена со малку облаци и слаб ветер кој ни одговара. Но не е секогаш по прогноза.

Позицијата наместена, Јане ја резервираше позиција 3, кампот наместен и трските фрлени. Уште не истоварен веќе имаше 4 удари на трските на Јане. Малиот крап активен и решил да се храни :) Набрзина ги извадив и моите трски, се наместивме и уживањето можеше да започне .

Ударите се редеа, почнаа да се редат риби од 500-800 грама, земаше на една бојла, на две бојли ... на 2 - 20ки, на снешко, на диповано, на сингл мамец ... буквално земаше на се. Меѓу ситните секогаш доаѓа и некој крупен :) Имавме удари кои биквално ги изместуваа трските. Се извадија и убави риби но немавме среќа да добиеме капиталец. Најголемата риба беше 6,2 кг.
Неколку слики од уловите.

Поздрав до сите колеги од убавиот Берсин и поздрав до Иван кој е одличен домаќин.

Eднодневна рибарска авантура решивме да ја поминеме на Дебарското езеро на состав со река Радика.
Имавме информации дека многу рибари идат и дека многу бојник се вади.
Со таа мисла и ние тргнавме во риболов на бојник.
Секогаш атрактивниот состав не пречека рано изутрина како што го замислувавме и слободен цел ревир, ние први рибари бевме.
Си фативме позиција, а набргу дојдоа и други колеги и веќе за саат време сите места беа зафатени, што покрај река, покрај езеро, а и на мостот на улив. Рибар до рибар беше...
Риба се вадеше претежно ситни бојничиња до пола кило најголеми.
Плашката беше активна и многу ретко по некое ситно кленче, а крупниот клен го немаше.
Риболовевме на трева, леб и бели црви.
Денот се погоди прекрасен, водостојот стабилен, све на све одлично поминато време покрај вода на најубавото Дебарско езеро и река Радика.
Се видовме и слушнавме со други колеги кои беа на другата страна кај чечмите ама викаа турбините биле сите пуштени и рибата не јадела, а бојник имало се гледал многу. По Радика исто така имаше доста рибари кои ја бркале пастрмката.
Исто и на другиов састав имаше многу бојник но не беше нешто посебно активен и тука беше со молење...
Риба има е сега кој ќе го погоди денот ќе истера добар мерак, инаку од овој ревир секојдневно веќе цело лето се вадат многу бојници и ќе се вадат до крај. Кој сака да истера мерак нема промашај составот !
Тоа е од нас од оваа аватура, поздрав и бистро до следна

На поканата од Давор - leunovo за да го дружам на натпревар во ловење пастрмка со вештачки мамци-спин техника на река Моравица, во Алексинац, Србија не ми требаше многу убедување. Решивме, ќе одиме, иако и двајцата прв пат учествуваме на ваков натпревар, немавме речиси никакви информации за водата, типот на мамци кои може да бидат добитни на соодветниот ревир, сепак желбата да учествуваме беше огромна. Натпреварот(купот) требаше да се одржи на 12.08.2017 (ден сабота),деновите изминуваа пополека, возбудата растеше со секој изминат ден, па за малку и да го утнеме натпреварот. Имено, и двајцата мислевме дека натпреварот е во недела, а не во сабота, возбудата и андреналинот си го направија своето и на 2 дена пред натпреварот, Давор примети дека натпреварот е во сабота, а не недела! :) Добро,барем на време беше приметено. Одиме понатаму...
Петок, 11.08.2017, време, попладне.
И двајцата со работни обврски, нели, петок е, и баш тогаш мора се да се заврши, едвај излеговме од работа, на брзина допакување и се наоѓаме на паркинг. Давор имаше спремено изненадување, маици и капчиња со логото на Рибар 2011, супер, одлично стојат, а се надеваме дека и ќе ги "прославиме" таму на купот. Тргнавме на пат, и за час бевме на граница, таму метеж, лето, туристи, па имавме задржување од 45 минути. Патот до Алексинац ни помина релативно брзо, таму бевме на зајдисонце. Се најдовме со организаторите, со Владица, со Дарко, Александар,Урош кои несебично ни ја покажаа реката, стазата, боксовите, па откако направивме куса прошетка по реката, отидовме во најблиската кооперација, да се подружиме и
да размениме два-три реда муабет. И Заечарско(пиво).Веќе стана доцна и бевме уморни, имавме се на се, околу 3 и пол часа за спиење. Отидовме на спиење.

Сабота,12.08.2017
Пет часот наутро и ние сме веќе на нозе, ги спремаме трските, мамците, оние мамци што не им беа скратени контра-јадиците, ги скративме(тоа беше едно од правилата, да се лови со јадички без контра-кука) и правец-Моравица! Пристигнавме на договореното место за собирање на натпреварувачите и полека-полека, покрај организаторите, почнаа да доаќаат натпреварувачите. Инаку, од Македонија бевме само Давор и јас, имаше натпреварувачи од Бугарија (7-8) и сите останати беа од Србија. Инаку, реката Моравица е прилично малечка река која истекува од Бованското езеро и на одредени места прави вирови, мали брзаци, но не е планинска река. Беа обележани боксови, во кои по ждрепката и по читањето на редоследот, со мали паузи меѓу два натпреварувачи,можеше да има само по еден натпреварувач. Задолжителна опрема беше кепче, во случај на улов, рибата не смее да се крева над вода и да се вади на камења туку во кепче, се повикува судија да го регистрира уловот , се вади јадичката од рибата (сето тоа во кепче, придржено со рака одоздола) и се враќа назад во реката. Не смее да се лови со мамци со контра-кука, од избор на мамци беа дозволени воблери, блинкери, силиконци, кашичиња без додатоци како волница и разни светкави влакна. Се бодува уловена риба, без разлика на големината, значи само бројот на рибата играше улога. И во мојот случај, ждрепката. И неискуството.
Извлеков 28 број од 31, и на крајот и на тоа 28 место завршив. Давор беше 17 по ред да бира бокс. Натпреварот се одвиваше во 4 рунди од по 45 минути кои беа бодувани посебно. Меѓу секоја рунда има 15 минути пауза во која треба да се дојде до централниот бокс и да се пријави резултатот од рундата кај главниот судија. За генералниот пласман, и како се пресметуваа бодови, ќе оставам да каже Давор, во секој случај, доста фер начин на бодување заради кое постои и неизвесност до самиот крај.
Натпреварот почна со мало задоцнување додека да се соберат сите натпреварувачи, времето беше ужасно жешко, веќе во 2 рунда бевме дехидрирани со Давор. Пола литар вода од човек беше премалку за да се издржи натпреварот. Откако се одреди редоследот, по читањето, секој натпреварувач се упатува кон слободен бокс, по слободен избор, битно е да нема двајца истовремено во боксот. Давор отиде пред мене, а јас речиси на крај и немав некој голем избор, некои од боксовите кои сметав дека ќе се добитни веќе беа зафатени. Што е , тука е. Откако сите ќе се сместат, се дава сигнал со свирче и натпреварот почна. За кратко време, бам, удар и риба! Не поминаа три секунди, откачување! И да не должам многу, имав откачувања до крајот на 4 рунда.Давор беше поуспешен во првата,втората и четвртата со три,една,една фатени риби, додека јас единствената риба што успеав да ја извадам, беше во третата рунда. Натпреварот беше планиран да трае некаде до пладне, но без разлика на тоа, сонцето бесмилосно пржеше и беше претопло. Дури имаше и мртви пастрмки по реката, веројатно заради недостаток на кислород.
На крајот, се завршија сите 4 рунди, се преброија бодовите и победник беше младиот Ранко Вукмировиќ. Давор заврши на 13-то место, а јас како што кажав, на 28. Од реката, сите се упатија кон локалната кооперација каде беше организиран ручек и доделување награди за првите тројца на натпреварот, и каде според еден од колегите од Србија, "sad pocinje najlepsi deo takmicenja" :D Масите беа поставени со салати, печење,пиво, од пиле млеко, па дружбата можеше да продолжи. Се разменуваа шеги, спомени, искуства, за на крај да бидат доделени и наградите за првите три места и да биде прогласен победникот на купот, младиот и надежен спинерџија Ранко Вукмировиќ. Од се срце му честитаме на победникот и да продолжи со тоа темпо и понатаму! :)
Времето брзо пројде и дојде момент да се разделиме од нашите колеги, домаќини, пријатели, се поздравивме и си посакавме што поскоро пак да се дружиме на вакви убави натпревари. Не чекаше уште еден ден во Србија, возење до уште еден град, а таму...таму не чекаше нешто кое што долго време нема да го заборавам. Природни, домашни сувомеснати производи, домашно винце, ракија од дуња и убави разговори.
За крај пред враќање дома во Македонија, по едно кафенце со мавровскиот шампион и не пречека една интересна глетка. Дома, каде што "vecno sunce sja". :)
Огромна благодарност до Давор-leunovo, без кого не би можел да бидам дел од оваа прекрасна риболовна авантура.!
До следниот натпревар, бистро на сите! :)

И оваа година по 8-ми пат Риболовниот клуб Крап од Радовиш го организираше традиционалниот Интернационалниот КУП-натпревар во спортски риболов во дисциплината Пливка, кој се одржа на езерото Мантово во Радовиш.
На овој натпревар кој беше под покровителство на Општина Радовиш и градоначалникот Сашко Николов учествуваа 11 екипи од Македонија и Србија, а најдобро пласирани беа натпреварувачите од екипата на Трофеј од Струмица, втори беа гостите Наис, од Ниш, Србија, додека третото место го освоија натпреварувачите од Бабуна, Велес.
Во поединечен пласман најдобар беше Душан Живојновиќ во Наис, Ниш Србија, втор беше Предраг Џорџевиќ исто така од екипата на Наис, Ниш Србија, додека со третото место се закити Коцев Слободан од Трофеј, Струмица.
Наградите и признанијата за најдобрите ги додели градоначалникот на Општина Радовиш Сашко Николов и советникот за спорт и култура при Елс општина Радовиш Игор Чапов.

Победници во екипна конкуренција
1-во место – ТРОФЕЈ Струмица
2-ро место – НАИС Ниш, Србија
3-то место – БАБУНА Велес

Победници во поединечна конкуренција
1-во место – Душан Живојновиќ, НАИС Ниш, Србија
2-ро место – Предраг Џорџевиќ, НАИС Ниш, Србија
3-то место – Коцев Слободан, ТРОФЕЈ Струмица

Во саботата со Цакуле отидовме на Радика. Јас и тој од горе, Емил, Јулио и Јане од долу. Времето беше одлично, не толку топло како во Скопје, рибата беше релативно активна. Сабајлето почнавме со повеќе откачувања, како поминуваше денот излегуваа повеќе пастрмки, дел сликавме/снимавме, дел веднаш ги враќавме. Се нимфареше скоро цел ден, освен во периодот од 18 до 20 кога со Цаки ловевме на сува и фативме по неколку парчиња и на сува. Тројцата колеги од Охрид ќе си пишат како поминале. Ние фативме 20-тина пастрмки (пастрмчињата не ги бројам) и сите беа вратени назад.

Бистро до следната репортажа, уживајте во неколкуте фотографии и видеото кое има повеќе материјал :)

Веднаш после затворањето и прогласувањето на победниците на купот на Гацка, тргнавме назад. По пат смисливме план, “како ублажити бол“. Решение, посета на реката Градац во Србија :)
Од Хрватска право за Ваљево, каде што некаде околу 00:30 најдовме соба во еден мотел, на поткровје под вршник, па спиевме со клима во нас ноќта. Пред 6 станавме, набрзинка се облековме и право да ја бараме реката Градац. Реката е на 10-тина км од Ваљево, брзо стигнавме откако прво залутавме до еден воен објект, се спуштивме на реката и почнавме веднаш да ловиме. Зачудувачки, немаше многу риба, а немаше ни големи примероци. Подоцна сфативме дека сме почнале да ловиме во т.н. “слободен дел“ кој е под ревирот и каде што е дозволен секаков тип на риболов. Кога влеговме во ревирот, како одевме нагоре по реката, имаше се повеќе и се поголема риба. Местото е интересно, убаво мало рекиче, практично 1/3 од Радика по количина на вода, можеби и помалку. Ревирот е богат со риба, ми се случи во вирче долго 3 метри и длабоко 70-80 см да извадам 8 пастрмки над 30 см. Невидена работа, барем за кај нас... Ми се случи и во исто време да ми удрат две пастрмки на двете нимфи и тоа двете да се 30+ см. Водата е многу чиста, нема загадувачи, нема населени места, се пие од реката (поубава беше водата од реката него од чешмите кај манастирот подолу). Се изнафаќавме риба, удираа примероци од 300 грама па до кило, Емил успеа да изгуби една од 2+ кг на само одење кон дома. Ловевме кратко, од кај 7 до 12, немавме време бидејќи во 21:30 требаше најдоцна да сме во Скопје поради бусот на Емил... И таму беше ужасно чисто, како да не си на Балкан... Ловевме на барблес нимфи, малку и на сува, имавме и откачувања од големи риби, кинења, местото е лудница

Уживајте во фотките и во клипот во кој има споено повеќе клипчиња од дента

Заврши Јадранско-подунавскиот куп во мушичарење на реката Гацка во Хрватска. Вчера се прибравме дома, со убави впечатоци од целиот натпревар и се останато поврзано со тоа местенце.
Тргнавме во четвртокот сабајле, со паузи патувавме 12 часа. Стигнавме приквечер во Оточац, кај хотелот до самата река. Пред да се истовариме, прво отидовме да ја видиме реката. Времето беше на стемнување и реката беше многу “жива“. Пастрмки насекаде скокаат, собираат емерџери во филм, гледаме под нас од мостот големи парчиња, лепота. А реката како терен, ужас. Целата иста, многу спора, многу длабока, премногу подводна трева, по пола од секоја позиција беше со трева или шавар. Длабина од метар, два, три, пет... А бистра, све се гледа и на најголемата длабина. Пристапот од горе, нема шанси за газење во вода, многу заебано за кепање на риба, моравме да модификуваме кепчиња, да додаваме водоводни цевки како подолги рачки итн.
Се сместивме дента, утредента имавме тренинг, па за ручек свечено отворање на натпреварот, па после тоа на уште еден тренинг во сопствена режија. Видовме отприлика што може да даде резултат, но тоа беше надвор од стазата и генерално трениравме на порибени калифорниски. Инаку самата река има МНОГУ риба, се чува, рибата не се зема, се лови со барблес, дневна дозвола е 20 евра, а рибари доаѓаат од цел свет, хотелчињата се букирани преку цела година однапред. Да се чуди човек како може да функционираат така работите, споредено со нашава лепота од држава. На пладне имаше и влечење на комбинации за позиции, а утредента стартуваше натпреварот.
Ловевме со комбинезони од суво, ако си со комбинезон умираш од топло на 35 степени, на сонце, без сенка, без можност за влез во вода, а ако отидеш без комбинезон ќе го јадеш по кал, чудни треви што ти ги прават лом нозете и слично. Кој носеше комбинезон се потеше, кон не носеше се чешаше и се праеше лом во нозе. Лудило, по 2-3 литра вода пиевме за 3 саата коло. Сахара.
Во првото коло јас бев во А сектор, Емил во Б, Цаки во Ц. За нивните позиции може да дополнат, јас кога ја видов мојата се извадив од памет. Повеќе од пола позиција трева од моја страна, од другата страна пониска подводна трева и тук-там по некоја дупка. Искрено, не знаев дали ќе успеам да уловам риба. Во А сектор речиси и да немаше од порибените калифорниски кои доста се ловеа од натпреварувачите кај што ги имаше, туку беа само стари поточари. Во првите 15 минути, на почетокот, во една од дупките успеав да уловам една поточара од 42 см (700-800) грама и да ја извадам. Тоа ми беше единствен улов на таа позиција. Имав уште 2 поточари на трска, едната ми скина цел типет строфт 0,12, беше поголема од првата, а втората не ја ни видов, само ми се исправи и искрши јадицата при борбата (тенка барблес јадица) и ја изгубив и таа риба. Друг удар немав.
Тоа коло Емил во Б (Б беше најбогат сектор) улови 6 риби и Цакуле во Ц 6 риби.
Второ коло, јас во Б, Емил во Ц и Цакуле во А. Ми се падна добра позиција, извадив уште една голема поточара, па после извадив уште 9 калифорниски на мокра мушица и изгубив 10-тина риби, откачени при вадење, од кои 5 пред кеп пошо беше страшно незгодна позицијата за кепање. Во второ коло Емил имаше 7 риби, Цакуле 3 и јас 10.
Трето коло, утредента. Сите мртви од претходниот ден, рибите доста избоцкани. Јас во Ц, ужас позиција, еден океан пред мене плус треви. Имав вкупно 3 риби на удица, првата ме заеба и тргна брзо кон мене и ми се олабави шнурот и ја изгубив. Втората и третата се откачија при вадење од барблесот, ловев на нимфи на 17-ки јадици... Останав со 0 (компир) и тоа не спушти барем 1 место во вкупниот пласман. Емил во трето коло на А имаше мислам 4 риби, а Цакуле 1 во Б, му се падна лоша позиција.
Завршивме 12 од 18 екипи, можевме и подобро, но така се погодија работите.
Инаку се ловеше на тенки типети, од 0.10 до 0.14, ловевме на нимфи фазани, пердигони, на суви фазани и зајачиња и лесно отежнати фазани за во филм. Рибата јадеше чудно и се ловеше како на езеро, со цимкање на мушиците за да им се даде живост бидејќи водата беше премногу спора и многу пати се случуваше рибата да дојде до мушицата, да види дека не е нешто природно за јадење и да се тргне.
Во секој случај, уште едно искуство со нешто што не сме се сретнале до сега.

А самата локација, местенцата, реката, тоа е чудо. Се чудевме како на балканов има место каде што нема ѓубре по реката, нема фрлени шишиња, кутии од цигари, кеси и се она што го гледаме по нашите реки. Значи можело, само требало да се сака...

Како што гласи и насловот неделата се одржа првото коло од крапската лига 2017.
Во нејзе земаа учество 7 дуа и првиот напревар беше во фрлање во далечина или кастонг.
Како што е правилникот првин се влечеше за редослед на влечење па после тоа за кое дуо прво ке фрла.
Се постигнаа следните резултати.

Лапласт крап тим просек 114,8 место 7 бодови 1
ЗСР Вардар 1 просек 126,4 место 6 бодови 2
Хокај крап тим Рибар 2011 просек 131,35 место 5 бодови 3
Нико крап тим просек 132,1 место 4 бодови 4
Крап тим Преспав Рибар 2011 просек 134,35 место 3 бодови 5
Вип крап тим Рибар 2011 просек 136,9 место 2 бидови 6
CО2 Вардар 2 просек 139,65 место 1 бодови 7

Најделеку како поединци фрлија
Предраг 144,2
Тафта 143,4
Александар 142

Бистро на сите екипи во второто коло.

Следуваат слики од кастигот

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija