Страната ribar.com.mk е повторно во функција
Почитувани колеги риболовци,
Ве известуваме дека сајтот ribar.com.mk е повторно во функција. Во изминатиот период поради напад со вируси на серверите каде што се хостира сајтот, дојде до оштетување на дел од веб страната и истата не беше во можност да функционира како што треба (дел и поради застареност на платформата на која беше поставена), па затоа решивме привремено да ја исклучиме за да направиме нов и модерен сајт. Во меѓувреме функционираше само форумот на ribar.com.mk/forum
Во моментов се уште работиме на страната, ова е првична верзија, работите постепено се префрлаат од старата страна, колку што нам ни дозволува времето.
Се надеваме дека за кратко време ќе го скоцкаме комплетно сајтот и ќе го освежиме со нови информации корисни за риболовците од Македонија. Доколку имате сугестии или предлози, идеи за нешто што би сакале да видите на сајтот дополнително, слободно испратете ги на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Со почит,
Администрација
Државен Крапски Куп 8-ми Септември Крушево 2015
Како по традиција и овогодишниот државен крапски куп се одржа во Крушево од 18-20 Септември.
На овој куп седум екипи зедоа учество кои исто така како по традиција се врзуваат за овок куп пред се поради релаксираната атмосфера и прекрасната дружба. Правилата на овој куп се по правилникот за крапски натпревари на МРФ со малце поопуштена форма ( на пример може да се појде во некој соседен бокс и да се напие кафе, како и да се разменат мислења или потсетиме на некој убави времиња.) Се е во знакот на фер-плеј и добра дружба.
Да појдеме по ред најпрвин пријавување на екипи и извлекување на позиции
извлечени беа
- на позиција број 1 екипата на Еко Спорт Фиш и познатите Кајсторовски,
- позиција број два екипата на Свети Стефан и Тони солар, Љупче и Ицо,
- позиција број три нашата екипа ВиП Рибар 2011, поглед на нашата позиција
- позиција број четири екипата на Свети Апостол Петар -Арнаудови,
- позиција број пет екипата на Бабуна од Велес Тони и Деан,
- позиција број шест екипата на Треска од Кичево Аце и Јане
- и на позиција број седум втората екипа на Свети Апостол Петар.
При самото доаѓање на езерото се гледаа прекрасни скокови насекаде по езерото, буквално на сите позиции имаше скокови. Позициите како и на колата од овогодишната лига со тоа што сега беа поставени класични боксови и мораше да се лови аксиално како по ФИПС. Значи за разлика од лигата кога можеш да ловиш десно лево покрај обала сега може да се лови само во рамките на својот бокс аксиално. Нова беше само позицијата број 5 која беше вметната покрај шаворот од четворката.
Прва екипа која имаше удар беше екипата на Кичево но Аце не успеа да ја извади оваа риба и се откачи. Втори со удар беше екипата на двојка па Тони и Љупче успешно ја извадија оваа риба и на првото мерење имаа само тие риба од 1.468кг. Како течеше натпреварот така и овие дечки на двојка само си работе а а останатите сеуште баравме и чекавме. На следното мерење повторно екипата на двојка беше сама со улов и тоа имаа одличен учинок три од три риби веќе тежина од 5.328кг. тука веќе се прават и првите измени кога стигнаа Ицо во двојка и Јане во шеска. Ноќта сите работеа и кој имаше извадено кој имаше изгубено за да сабајлето во 6 часот се измерат
позиција 2 четири риби или 7.078кг,
позиција 4 две риби или 2.970кг,
позиција 6 две риби или 11.970кг, ( одличен примерок на крап со големина од 10.650кг) и
позиција 7 една риба или 1.750кг.
Дента веќе почнуваат дружби и посета на пријателите и љубителите на крапскиот риболов. Така и после долгогодишна дружба решивме да ги почастиме нашите стари пријатели Ицо и Јане со едно кафе со мед и потсетување на разни спомени од минатото.
За време на целиот натпревар времето беше прекрасно со прејако сонце, благи ноќи и повремено ветерче. Дружбите траеа се до последниот свиреж на судиите за означување на крај на натпреварот кога се мереа и последните риби а неизвесноста беше која екипа ќе биде втора а која трета.
Крајните резулати беа следниве
Откако се собравме сите зедно заминавме на прогласување на резултатите во ресторан каде беа поделени и пехарите, медалите и дипломите.
Прво и заслужено место освои екипата на Треска Кичево
второпласирана екипа (екипата која им избега на Ицо,Тони и Љупче) беше екипата на Бабуна од Велес
и трето пласирана екипа беше екипата на Свети Стефан од Охрид
Кај оваа екипа сакам да се задржам малце и да ви пренесам во какви услови ловеа и губеа риби. Најверојатно незнаејќи судиите кога ја правеле патеката дека целата обала е со муљ и тоа од пола метро и неможеш ни да влезеш ни да излезеш од него. Дечките на двојка работеа одлично и секако дека ако ги немаа овие препреки ќе беа први или втори во намала рака. Да Ви доловам една ситуација, сабота сабале и кај нас Филип и доаѓа и Ицо а мене ме викаат судиите на мерење во нивниот бокс. Во моментот додека ја мериме рибата имаат удар на една трска и за дел од секундата Ицо стига и во трчање од џеб ги вади и фрла цигарите и телефонот, ги соблекува панталоните и е веќе во вода и ја вади рибата :) На Филип не му се веруваше кога од нашиот бокс стигна до неговиот, се соблекол и е во вода. Еве и слика од оваа случка. п.с. оваа е слично со гаќата на кременадла :)
По прогласувањето продолживме со еден заеднички ручек и пијачка со смеа, дружба, прекрасни луѓе, со ветување за следната година да се видиме пак.
Еве за крај и една заедничка фотографија од победниците секоја чест и да Ви се множат победите и успесите
6-ти Јадранско-подунавски куп Буна 2015
Накратко ќе раскажам како поминавме во Босна на мушичарскиот куп.
Во Мостар стигнавме во четвртокот, после 14 часа, од кои едно 12 возење. Добар дел од патот беше планини, нагоре, надоле, кривини. Плус по пат јадевме јагнешко што не беше баш добро испечено :D
Во петокот сабајле требаше да имаме тренинг. Отидовме кај изворот, се најдовме со едни залутани хрвати кои исто така појма немаа каде треба да се тренира, па најдоме еден од контролорите, кој не однесе на стаза кај што не смеевме да ловиме, а ние се газевме и си ловевме се додека не не видоа дел од мештаните и исконтактираа со некој од организација, па отидовме на тренинг стазата. На тренинг стазата, освен првите 100 метри, надолу беше мирна водата и освен клен, немаше ништо друго :)
Во првите 100 метри се фатија 3-4 риби од луѓето кои беа таму саат време пред нас поради “одличната“ организација на домаќините и толку од тренингот.
Инаку, Буна не е типична пастрмска вода, освен во горните 2-3 километри. Надолу е мирна, со вирови во кои водата едвај и се движи, барем сега кога бевме таму. Кога е повисок водостојот, се надевам дека се тоа оди побрзо.
За риболовот таму, ние немаме врска. Се нимфари на француски начин, со доооолги лидери, воопшто не се користи шнурот, буквално може да се лови без шнур. Повеќе личи на тенкара отколку на класично мушичарење :) Нашите риби генерално беа добиени на стример и на сува :)
Првото коло Марјан беше во А сектор, Јулио во Б, јас во Ц. Марјан имаше просечна позиција каде што не успеа да улови риба. Јулио ми се јави после пола саат да ми каже дека позицијата не му чини и дека тешко ќе извади риба таму, па му ја јавив јас
на Пешиќ и Пепи изврши измена на Јулио и успеа да фати една риба на таа позиција. Мојата позиција беше цела плитка и немаше ебано рипче. Над мене и под мене имав хрвати кои исто така немаа резултат. Во Ц имаше најмалку риба.
Во второ коло Марјан реши да паузира пошо беше болен, јас ловев во А сектор, Пепи место Марјан во Б и Јулио во Ц сектор.
Мојата позиција беше цела плитка, со мост на почетокот. Под мостот во вировите покрај столбовите фрлав на нимфа, успеав да фатам една маломерна риба таму (18 см), па под мостот уште 2 маломерни на нимфа (15 и 17 см), па до кај 18 немав удар и од 18 до 19 ловев на сува, под мостот фатив 11 риби на сува кои беа маломерни, а откачив уште 8. Последната ја откачив во 18:59, на минута пред свирката, и гарант беше убава пошо ми го скифли стапот. Ловев на барблес и бев глуп што не си ставив јадица со контра, пошо очигледно грото ловеа така. Контролорите ни беа дрва, па последниот ден сите си ловеа со контра кука :) Искуство повеќе за нас, не се прави резултат на поштен начин :) Пепи во Б имаше подобра позиција и фати 5 риби, од кои едната глупиот контролор му ја пишал 19 см како да е маломерна и не му се броеше. А утредента кога се буневме за петата риба, ни рекоа да не се буниме бидејќи секако требало да не дисквалификуваат бидејќи Пепи два пати ловел во ист сектор :D На Ц Јулио не фати риба.
Во трето коло јас решив да паузирам бидејќи немав среќа со маломерните и се нервирав цел ден :D Јулио отиде на А, на глупа плитка позиција и успеа да прелаже една калифорниска и да се запише. Марјан ловеше на Б, имаше едно откачување на 40+ пастрмка, а кога дојдовме со Пешиќ смени тактика и на отежнат стример успеа да фати 2 поточари за 5 минути :) И двете ги извади во туѓа позиција под него, кај бугарот :) Контролорот глуп по обичај, само се смееше ко цреп кога си викавме “јебем те у главу“ :) Пепи во Ц немаше улов.
Во секој случај, искуство плус за нас. Сите нимфи што ни ги направи Станчев не беа за таму. Ловевме на наши најмали нимфи, кои дополнително ги шишавме. Мекоусната се лови на ептен тенки подвези и микро нимфи. Реката немаше многу риба како што очекувавме. Во разговори со судиите и контролорите, реката редовно ја прават парче со струја и мрежи и ги тепаат рибочуварите. Иста ситуација како кај нас, дури и бетер. А мушичари слабо во тој дел, сите ловат на тиролско со по 6 нимфи или со трокуки :D
Еве и малку фотографии, колку што успеавме да сликаме :D
По пат јас возев, Пешиќ и Јулио ми правеа друштво, а голубчињава се искинаа од спиење. Ај Марјан беше болен, ама Пепи.. :D
Мостар и Неретва
На изворот на Буна (врелото)
Жителите на Буна, поточари и мекоусни
Тренингот
Малото “словенче“
Пепи влече позици
Тимот Македонија :)
Решивме Пепи да го жениме у Босна, со водителка ;)
Свеченото отворање и Битлси :lol:
Пред почетокот на прво коло
Ознаките на позициите им беа за пофалба, споредено со нашите ознаки во Македонија :D
Како ловевме ние :)
А како требаше да ловиме ние :)
Рибите на Марјан :)
Оваа му беше запишана 28.5 см, пошо Марјан пред мене му рече на контролорот дека му е толку рибата и овој му поверува :)
Втората риба, баш кога си одевме да го бараме Пепи
И најубавиот дел за крај, дружбите :)
Преспанско езеро
Преспанското Езеро е езеро кое го делат три држави – Република Македонија (најголем дел), Грција и Албанија. Во рамките на Македонија, тоа се наоѓа во југозападниот дел од земјата.
На македонскиот дел, преспанската котлина е ограничена со планините Баба (со највисокиот врв Пелистер 2600м) на исток и Галичица (2235м) на запад. На север е планината Плакенска и Бигла (1933м), а на југ на албанскиот дел со Горбач (1750м) и нешто пониските ограноци од Галичица.
Во Преспанската котлина се наоѓаат двете езера: Малото и Големото Преспанско Езеро. Во водите на Големото езеро се наоѓа тромеѓето на македонската, албанската и грчката граница.
Големото Преспанското Езеро, зафаќа површина од 284 км2, со 54м најголема длабочина и надморска висина од 853м и спаѓа меѓу најчистите езера во светот. Од вкупната површината на езерото 65% припаѓа на Македонија, 18% на Албанија и 17% на Грција. Малото Преспанско Езеро зафаќа површина од 45,59 км2 и е за три метри повисоко од Големото, се наоѓа на територијата на Грција и мал дел во Албанија.
На македонскиот дел од Големото Преспанско езеро, главни притоки со кои се храни со вода се реките Источка, Преторска, Брајчинска и Голема Река, која поминува низ градот Ресен. Водите на Преспанското езеро преку понорници истекуваат во Охридското езеро, како резултат на фактот што Преспанското езеро за 158 м е повисоко од Охридското езеро.
Геологија на Преспанското езероkarpa
Во Големото Преспанско езеро има два острови: Голем град или Св. Петар и Мал град Островот Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот Голем град е долг 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Островот Св. Павле е помал - долг е 300 м, а широк 150м со 25-30 м највисок дел на езерото. На Голем град секоја година се вршат археолошки испитувања, постојат археолошки наоѓалишта од ранохристијанскиот период и базилика од словенскиот период. Островот е ненаселен.
Флора и фауна
Езерото е богато со риба, а особено се познати преспанскиот крап и рибите белвици-нивички. Најзастапена е нивичката или белвицата, потоа крапот, црвеноперката, скобустот, мренката, кленот и др. Кон крајот на педесетите години езерото порибено е и со охридска пастрмка, која се задржала во подлабоките води, Нивичкиот залив, Казан и Коњско.
На Преспанското езеро богат е и птичјиот свет. Присутни се ендемски птици, како и птици преселници кои престојуваат во пролетно-летниот период и птици преселници кои на кратко престојуваат во околните блата како попатна станицаза одмор и исхрана. Атрактивен во водите на Преспанското езеро е белиот пеликан, кој лови риби заедно со црниот гавран. Во плитките води присутни се повеќе видови чапју, норки, галеби и други птици.
Растителниот свет е доста богат,како во самото езеро така и во околните блата. На островот Голем град, како ендемично растение се среќава Фојова шума (Juniperius Foeditissimа).
Легенда за настанокот на езерото
На местото на денешното убаво Преспанско Езеро, според легендата се простирало широко плодородно поле. Во близината на ридот имало седум кладенчиња, кои никогаш не замрзнувале. Нивните бистри води биле ostrovotгордост за цела долина. Навечер кладенчињата со чепови (цифуни) се затварале. Во тоа време, две племиња, непрестано војувале за убавата долина. Ќерката на кнезот од едното племе Преспа, била многу убава. Таа секоја вечер одела под ридот, до кладенчињата, по вода. Еднаш, кај кладенчињата Преспа го видела синот на кнезот од другото племе. Нивните погледи се сретнале. Срцата им затрепериле. Се родила љубов. Оттогаш, младите почнале скришум да се сретнуваат. Една вечер, младиот син на кнезот кој се викал Лабид, ја чекал убавицата недалеку од кладенчињата. Таа стрчала, неосетно му се приближувала убвата девојка, лесна како срна. Таа стрчала, намерно ги извадила седумте чепа од кладенчињата и водата бликнала на долж и шир по долината... Кога ја видел младичот, со неколку скока ѝ го попречил патот и се нашле лице в лице ... Се фатиле за раце и тргнале кон ридот. Се качиле на врвот. Се прегрнале и паднале во љубовна игра. Шумолењето на водата и љубовната игра ги успала двајцата млади. Кога се разбудиле, во раните зори, пред нивните очи светнало едно сиво-зеленикаво езеро ... Дотогаш, стражарите на двете племиња ги известиле своите кнезови за покачувањето на нивото на водите и тие, племињата тргнале на пат - едното тргнало на југ, а другото се населувало во полите на Галичица... Лабид ја прегрнал Преспа и бакнувајќи ја, му рекол: “Сега нема за што да војуваат нашите племиња!“ Младите стапиле во брак, а настанатото езеро, во чест на убавицата се нарекло Преспанското Езеро а населбата околу него го добила името Преспа.
Дојранско езеро
Дојранското Езеро е најмалото тектонско езеро во Република Македонија. Се наоѓа во нејзиниот југоисточен дел, заземајќи површина од 43,1 км². Западниот, поголемиот дел (27,3 км²) и припаѓа на Република Македонија а источниот, помалиот (15,8 км²) на Грција. На север басенот на езерото е заграден со Беласица и Боска Планина. На запад се планините Дуб и Кара Балија, а на исток Круша. На југ е отворен по долината на реката Ѓолаја кон Солунското Поле.
Потекло и Хидрологија
Нивото на езерото е на надморска висина од 148 метри. Тоа е плитко езеро, со најголема длабочина од 10 метри. Дојранското Езеро е создадено во неогено-квартерниот период и има тектонско-вулканско потекло. Всушност, тоа е реликтен остаток од некогашното плеистоценско Пеонско Езеро, коешто зафаќало површина од околу 127 км².
Дојранското езеро е најтопло езеро. Високите температури на воздухот и на водата се условени од близината на Егејското Море. Температурата на водата во Дојранското езеро достигнува до 27 С, а има провидност од 1 до 3.6 м. Со вода езеротото се храни со подземните извори како и од реките: Голема Река, Топлец и др. Езерото истекува преку реката Ѓолаја, која се наоѓа на грчка територија.plaza
Флора и Фауна
Дојранското езеро е еутрофно езеро, заради големата продукција на органска материја. Езерото е богато со фито и зоопланктони. Синозелените алги се најмногу застапени со фитопланктон на езерото. Во август и во септември нивната маса е толку голема, што целата површина на езерото е покриена со воден цвет. Животинскиот свет е претставен од без'рбетници (праживотни-едноклеточни животни, сунѓери, црви, мекотели, членконоги, инсекти и др), како и претставници од 'рбетниците (риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи). Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, 1 вид претставува локален ендемит. Некои без'рбетници (посебно вилинските коњчиња) и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE. Дојранското Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици во огради од трска, т.н. мандри.
Легенда за Дојранското Езеро
На местото на денешното Дојранско Езеро се протегала широка дилина со бујни ливади и разновидни градини. На едно поткренато место имало голем извор. Покрај долината живеела убава девојка која се викала Дојрана. Во Дојрана биле заљубени многу момчиња, но за голема несреќа и еден турска големец-кајмакам. Убавата девојка не можела да замисли да се мажи за него. Кајмакамот почнал да оди по неа. Ја следел на секој чекор. Не и давал мира. Наоѓајки се во безизлезна положба, а да не му падне во неговите раце, се фрлила во големиот извор. Изворот го прифатил нејзиното невино тело. За да го покрие и освети, почнал да се излива. Ја покрил целата долина.За кусо време долината се претворила во прекрасно езеро. Исто како што беше прекрасна и девојката Дојрана. Езерото и градот го добија името по убавата девојка Дојрана. Езерото го нарекоа Дојранско Езеро, а градот Дојран.
Охридско езеро
Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија и веројатно од биолошки аспект најзначајниот стагнантен акватичен екоситем во Европа. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО.
Потеклото на Охридското Езеро, гледано во целост како езерски систем со Преспанското езеро е тектонско. Двете езера претставуваат остатоци од базенот на поранешното Десаретско езеро од кое настануваат по пат на геотектонска депресија за време на Плиоценот (пред 5,3-1,8 милиони години). Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно с Бајкалско, Тагањика, Ховсхол, Тити Кака. Ваквите езерски екосистеми се сметаат за центри на диверзитет и резервоари на еволуција во кои пред се поради стабилноста на амбиенталната средина, изолираноста на екосистемот и долгото постоење доаѓа до процеси на рапидна еволуција на одредени групи на организми.
Охридското Езеро е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (1945 m), а на запад со Јабланица (2257 m). Езеро со право заслужува назив - македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри.
Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.
Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 километри. Неговата широчина е различна - од максимална 15 км. до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км. од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м. За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег.
Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија.
Климата во Охридската котлина е класифицирана како локално-континентална. Вообичаена средна тепмература достига до 11,4 Целзиусови степени. Средната месечна температура изнесува 21,2 степени во јули и август, со 34,4 е постигнат апсолутен максимум во август. Најниска средно месечна температуре изнесува 1,5 степени во јануари , додека 17,2 степени е апсолутен минимум. Просечната вредност на врнежи во Охридскиот басен приближно изнесува 759 mm.
Највообичаен ветер е оној кој дува од север, посебно во есен и зима. За време на летниот и зимскиот период дуваат ветрови во правец на југ и југоисток. Безначајни се југоисточните и источните ветрови. Дождливите и благите периоди се менуваат преку ден, посебно во лето. Утрата се карактеризираат со паузи помеѓу дувањето на северните ветрови и благите периоди. Временските услови стануваат многу различни попладне кога јужните и југоисточните ветрови ја менуват стабилноста. Средната брзина на ветер во Охридскиот регион е релативно ниска, 3,4 м /сек .
Температурата на водата во подлабоките слоеви од Охридско Езеро е приближно 6 C°, додека на површината водата може да се загрее до 24 степени, и во крајбрежните слоеви дури до 26 C°.
Опсежните проучувања од страна на медицинските експерти потврдиле дека на бреговите на Охридското Езеро постојат одлични услови за развој на здравствениот туризам. Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на охридското крајбрежје, благотворно влијаат врз човечкото здравје. Според лекарите има идеална клима за лекување кардиоваскуларни болести. Лекарите особено постарите пациенти ги советуваат за користење престој кај манастирот св. Наум и кај селата Љубаништа и Трпејца. Ова подрачје крај бреговите на Охридското Езеро е идеално за климатотерапија. Поради близината на планината Галичица која се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, езерската клима е корисна за анемични лица. Надморската височина и чистиот воздух го поттикнуваат создавањето на црвените клетки. Водите на Охридското Езеро благотворно делуваат и за лекување детска парализа.
Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили.
Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите.
Основен услов којшто го овозможил одржувањето на остатоците на прастариот растителен и животниски свет, како и неговата натамошна еволуција, е долгиот континуитет на егзистенцијата на Охридското Езеро. Всушност, Охридското Езеро почнало да живее уште пред појавата на човекот. Според некои автори ова езеро е старо околу четири милиони години.
За Охридското Езеро карактеристични се поголем број реликтни и ендемични организми. Групи најбогати со ендемични организми и воедно најистражувани групи на организми се Дијатомеите (силикатни алги,Bacillariophyta, Харите (група од зелените алги, Charophyra), потоа Планариите (сплескани црви,Tubellaria), мекотелите (Molusca), особен полжавите (Gastropoda) и раковите (Crustacea). Покрај овие групи, познати охридски ендемити се секако охридската пастрмка-Летница Salmo letica и Белвицата -Acantholinngua ohridana.
Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули. Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.
Риболовна карта на Р. Македонија
Во прилог може да го преземете првото издание на Туристичката риболовна карта на Република Македонија.
Станува збор за прва риболовна карта на Република Македонија во која се претставени сите риболовни ревири, рекреативните зони - акумулации и природни езера, во нивните граници. Во картата се претставени сите риболовни води и нивните концесионери, сместувачки и угостителски објекти во близина на риболовните води, продавниците за риболовен прибор, дозволените големини на рибите што смеат да се ловат, календарот со забраните за риболов, фотографии на рибите што ги има во Македонија и нивната застапеност по риболовни ревири и зони.
Изданието, што се реализира со поддршка на Владата, е отпечатено во две илјади примероци, по илјада на македонски и на англиски јазик.
Издавањето на Картата има за цел информирање на рекреативните и спортските риболовци од Македонија и од другите земји за риболовната понуда на Македонија и за хидропотенцијалот, односно водените ресурси со кои располага.
Активностите се во насока на развивање на рибниот туризам како алтернативна гранка на Туристичката понуда на Македонија. Риболовната карта, преку Агенцијата за развој на туризмот на Македонија, ќе биде дистрибуирана на туристички саеми и манифестации надвор од Република Македонија. Во Македонија изданието ќе може да се набави на граничните премини, во хотелите и другите сместувачки капацитети, на бензиските пумпи, специјализирани продавници.
Дополнителен прибор кој го олеснува риболовот
Ако сте набавиле добра и скапа опрема, квалитетен рибарски стап, машинка, конец, тапи, олова и др. и сте тргнале на риболов, многу е веројатно дека нема се да оди подмачкано, една од причините за незадоволство може да биде недостатокот од некои ситници во вашиот прибор. За оние кои ги имаат секоја чест, а за оние кои ги немаат и не чуле за овие ситници, еве краток потсетник и можност да се запознаат со овој дел од приборот.
Рибарски чизми - комбинезон
Колку пати ви се случило да посакате да влезете барем малку во водата и да фатите некои подобро место за зафрлување. Но без чизми тоа неможете да го направите. Колку пати ви се случило да се намокрите, да се зацапате со патики во водата, или пак кондурите и патиките да ги направите целите со кал. Токму затоа чизмите се корисна работа. Со нив можете да стоите во вода, да одите во вода и да газите во кал. Уште една добра работа за чизмите е тоа што штитат од разни инсекти и змии, кои може да ве сретнат по тревите и грмушките. Чизмите генерално можеме да ги поделиме на кратки и долги. Кратките се оние до колена, а долгите се оние до препони. Разликата е само во vo vodaоднос на тоа што подолгите ви нудат можност да загазите и да стоите во подлабока вода. Комбилизонот од друга страна ви нуди поголема слобода во однос на тоа во колку длабока вода ќе загазувате и стоите. Прерaмките на комбилизонот се ставаат на рамениците и рибарот е покриен до градите. Комбилизонот го користат сите оние кои најчесто ловат од вода и кои сакаат да дојдат до што подобро место во водата, со цел подобро да зафрлаат, да имаат подобра контрола врз водењето на конецот и тапата, како и подобра контрола на вадењето на рибата. Најчесто со комбилизонот ќе ги заштитите и останатиот дел од облеката, кој во друга ситуација доста би го извалкале.
Мрежа за прифат на рибата (кепче)
Кепчето исто така спаѓа во приборот за спортски риболов, што му е непходен на секој риболовец. Бидејќи ловењето на риба со подолг телескоп не може да се замисли без кепче, сетете се само колку пати при вадењето на рибата, при крајот на брегот сме имале проблеми, и сме се обидувале рибата да ја дофатиме со рака, а тоа доста пати завршувало со kepceгубење на уловот, особено кај оние рибари кои не се многу искусни во техниката на фаќање и вадење на рибата со гола рака. Да не зборувам дека вадењето на покрупен примерок на риба скоро е неможно без овој дел од приборот. При изборот на кепче 6и требало да се решите за што подолго и со можност да е на расклопување, заради поедноставно носење и функционалност.
Мрежа за чување на рибите (чуварка)
Поседувањето на чуварката е повеќе прашање на односот кон рибата, отколку практичните потреби. Доколку се сметате за вистински спортски риболовец, секако дека ќе го набавите овој дел од приборот. Мрежите чуварки се произведуваат во различни должина и од различен материјал.
Дел од нив се од разни конци, а дел се жичани. Мрежата се користи пред се за да гиmreza одржиме фатените риби - живи. Ова е од особено значење кога одите на неколкудневен риболов. Во ваква ситуација ако не ги чувате рибите во вода, тогаш во зависност од временските прилики, а особено во потоплите денови рибите сигурно ќе ви се расипат. со сигу Доколку користите чуварка на крајот од риболовот можете да стекнете увид во количината на уловот, да го фотографирате по желба и на крај остатокот да го вратите назад.
Направа за вадење на јадицата
Мала направа, што секој спортски риболовец без разлика на кој риболов му е приклонет, мора да ја има во својот прибор. Колку пати сте фатиле риба, која длабоко го проголтала мамецот, а вадењето на јадицата ви претставува вистинска тешкотија, a и многупати се случило да ја распараме цела риба за да ја извадиме јадицата. При такво мачење и да сакаме рибата да ја пуштиме таа нема да преживее. Направата за вадење на јадици ни овозможува брзо и едноставно да ја иззадиме јадицата и да го ослободиме нашиот улов, хумано и практично.
Тапи-пливки
Во риболовот тапата има основна функција на одмерувач на длабочината и основен сигнализатор, што се случува доле кај јадицата.
За да би постигнале нашата јадица да биде на одредена длабочина, тогаш мораме да употребиме тапа, или пливка. Тапата од друга страна ни преставува и основен сигнализатор кој ни кажува кога рибата гризе и го напаѓа нашиот мамец, или пак ни укажува кога долу во водата има некоја препрека и кога јадицата е закачена на нешто.
Тапата има и некои други улоги.
На пример, преку начинот на кој се движи и реагира, за оние кои што знаат, тапата може да биде сигнализатор и за тоа кој вид на риба удира на нашата јадица.
Сепак, како и да е, за тапата добро да си ја врши својата работа и добро да не информира за збиднувањата околу нашата јадица, тогаш треба соодветно да ја отежниме, односно да и поставиме соодветни оловца.
Поставувањето на соодветни оловца играат огромна улога во риболовот. На многу пати, не толку искусните риболовци неможат да ја најдат причината зошто рибарот до нив вади риба, а тие не. Една од причините може да биде и недоволното олово на самата тапа, поради што рибарот воопшто не ги осеќа во кофицеударите на рибата, ги осеќа со задоцнување и на несоодветен начин.
Поставувањето на оловото можете да го направите и дома, со цел спремни да излезете на водата на која ќе ловите. Истото можете да го направите во било кој подлабок сад, или канче.
Во овој текст ќе прикажеме и неколку примери за тоа колку олово и е потребна на секоја тапа, со цел таа да биде добар сигнализатор.
Неправилно
Правилно
Неправилно
Правилно
Неправилно
Правилно
Правилно пополнување на шпунглата/машинката со конец
За некои почетници во спортскиот риболов, овој детаљ изгледа навидум неважен, бидејќи сметаме дека машинката најчесто служи за намотување на конецот и влечкањето на уловената риба. Меѓутоа, правилно пополнување на шпунглата и добро средена машинка во одредени ситуации знаат да ви заштедат многу нерви, многу конец и големи парчиња на риба. Зошто е тоа така ?masinka
Секогаш треба да знаете дека од машинката најмногу зависи колку далеку, колку прецизно и колку добро ќе го зафрлиме мамецот. Секако, дека најголем успех во риболовот ќе имаме ако и зафрлиме што се вели на рибата в уста. При оваа фаза, односно при зафрлувањето, освен формата на самата шпулна голема улога игра и нејзиното правилно пополнување со конец. Ова важи и за риболовот на тапа и за риболовот со вештачки мамки и за риболовот со олово на дно. Значи без разлика што ловите, овој детаљ може да ве спаси од многу нервози и на крајот да ви пружи поголемо задоволство во риболовот.
Правилното намотнување на конецот, би почнало веќе во ситуација кога треба да го врзете новиот конец на трската.
Најпрво, треба особено да внимавате добро да го прицврстите крајот на конецот за шпунглата. Тоа подразбира на неколкупати врзување со неколку 2-3 добри чвора. Ова е особено битно бидејќи може да се случи со текот на времето постојано и постојано (дали со кинење, дали со врзување на нови јадички, дали со пресекување на оштетен конец, да го потрошите конецот кој се наоѓа на шпунглата до оној степен до кој веќе не е препорачливо со него да се фаќа. Меѓутоа од немарност, а понекогаш и од незнаење не сте купиле нов конец на време и фаќате со недоволно конец. При една таква ситуација може да се случи да закачите поголема риба, која доколку не сакате да ви избега мора соодветно да ја третирате, т.е да и пуштите конец, да го подотпуштите амортизерот на машинката и сл. за да ја уморите и притоа секако да пуштите повеќе конец. Во ваква ситуација, доколку не забележите и не изреагирате на време, може да се случи рибата да ви земе доста конец и доколку крајот на конецот не ви е соодветно прицрвстен и врзан за шпунглата, да ви отиде и рибата и целиот конец. А разликата помеѓу искусниот риболовец и почетникот е во тоа што искусните се секогаш спремни за изненадување, а дел од спремноста е и правилното пополнување на макарата (шпулната) со конецот.
Второ на што треба да се внимава при монтирањето на новиот конец е колкава должина на конец и со која дебелина ќе намотаме на вашата машинка. ...
На ова треба да се внимава секогаш кога се купува нов конец, затоа што секоја машинка си има spunglaразличен капацитет и секоја шпунгла си има свој максимум на конец кој може да го прими. Токму затоа погледнете ја својата машинка и на шпунглата ќе забележите кои должини на конец може шпунглата да ги намота. Пример, шпунглите на помалите машинки можат да соберат помалку и потенок конец, додека шпунглите на поголемите машинки можат да соберат повеќе и подебел конец. Примерот како што е на сликата, ако на шпунглата има ознаки 0,15/180 0,18/130 0,20/100 тоа значи дека вашата шпунгла има капацитет да собере 180 метри конец со дебелина 0,15, 130 метри конец со дебелина од 0,18 и 100 метри конец со дебелина од 0,20. Ова е особено битно затоа што пополнетоста на шпунглата со конец игра битна улога поради неколку причини.
Слика 1 ни прикажува правилно намотана шпулна, а Слика 2 и Слика 3 неправилно намотана шпулна. Разликата е во тоа што кај Слика бр. 2 на шпунглата имаме премалку конец и при зафрлувањето доаѓа до преголемо негово триење од врвот на шпулната, што го спречува подалечното зафрлување и не тера на повторни обиди. Кај Слика бр. 3 имаме премногу конец на шпунглата, што може да ни прави постојани проблеми во текот на зафрлувањата. Најголеми проблеми во ваква ситуација одмотувањето и заплетувањето на конецот. Ова преставува особена нервоза доколку ви се случи во ситуација на сред рибарење кога имате зафрлено поголема должина конец и настане заплеткување кај шпунглата што може да резултира со чворови и до неминовно кинење на конецот. Тоа е така затоа што со чворчиња на конецот тешко можете да намотувате, зафрлувате и воопшто да фаќате. Ќе мора да го скинете конецот и одново да врзувате јадица и тапа, а што е најтрагично без врска ќе ви отиде 20, 30, 50 метри конец. Токму затоа, кога ќе купувате конец, треба да знаете колкав капацитет има вашата машинка, со цел да купите конец кој добро и правилно ќе ја пополни вашата шпунгла.
Кога веќе ќе одберете правилна должина и дебелина на конец, тогаш ви преостанува уште една битна работа, а тоа е правилно намотување на конецот
При намотувањето на конецот на макарата, најдобро е машинката да е фиксирана на трската, а конецот од своето патување да помине барем низ едно од окцата на своето патување до макарата, а најпрактично е тоа да биде окцето, што е најблиску до машинката. Исто така добро е, почетното пакување на конецот да се врши со одреден притисок, така што при намотувањето подобро да легне, односно да се внимава секогаш да биде затегнат конецот при намотување. Тоа може лесно да го направите доколку при намотувањето десната рака ја поставите 30-тина сантиметри над машинката и го користите показалецот од десната рака, со која всушност и ја држите трската и при намотувањето, освен низ првото окце, конецот да се лизга и поминува и помеѓу вашите прсти, со што директно можете да ја контролирате затегнатоста на конецот.