Во сите светски енциклопедии за мушичарење запишано е дека првите записи за овој вид на риболов потекнуваат од Македонија. Првиот автентичен пишан текст за мушичарење и за првата мушица се наоѓа запишан во делото „De natura animalum” напишано некаде пред 1800 години, од Claudius Aelianus (170-230 g.n.e) Римски патописец и учител роден во Палестрина во близина на Рим. Во своето дело „За природата на животните“ составено од 17 книги , за првпат се опишува мушичарењето и првите мушици во светот.
Во третата книга запишано е:
Помеѓу Берчеа и Солун тече река Астраус (сливното подрачје на реката Струма) во неа живеат риби со пеги на кожата. Како точно ги викаат прашајте ги Македонците кои живеат таму. Таа риба се храни со мушици кои летаат околу реката и се разликуваат од мушиците кои живеат на други места. Тие не изгледаат како оси , ниту како бумбари , ниту пак како пчели , инаку имаат по некоја особина од наведените инсекти. Може да се каже дека се големи како бумбари , бојата им е слична на осите и дека зујат како пчелите. Овие мушици се ројат околу реката и таму се хранат. Тамошните жители оваа мушица ја нарекуваат Hippouros. Во потрага за храна оваа мушица лети над самата вода , но тој лет неостанува незабележан од рибите. Кога рибата ќе ја забележи мушицата на површината од водата, таа нечујно се прикрадува внимавајки да не го исплаши својот плен. Во моментот кога ќе се најде во сенката на мушицата рибата ја отвара устата и ја голта , исто како волк кога ја изненадува овцата или како што орелот ја лови гуската. Кога ќе ја улови рибата нурнува кон длабочините под разбранетатата вода. И риболовците го знаат сето ова , тие не ги употребуваат овие мушици како мамец за риби , затоа што кога човечката рака ќе ги допре тие го губат природниот изглед а нивните крила се распаѓаат и овенуваат, па рибите не сакат да ги јадат ниту да се приближат на такви мушици, затоа што инстиктот им кажува дека тие мушици биле еднаш уловени. Рибарите со својата вештина сепак успеваат да ја надмудрат оваа риба со помош на следната ракотворба. Тие на јадица намотуваат црвена волна, а за волната врзуваат два пердуви со восочна боја кои растат под ресата на вратот од петелот. Стапот за риболов е долг шест стапки исто толку и конецот . Риболовците ја зафрлуваат својата мамка, рибата привлечена и возбудена од бојата доаѓа и ја зема мамката , мислејки дека ќе се најаде добро, широко ја отвара устата и се закачува на јадицата….
Овој Елијанов запис за мушичарење и првото опишување на мушица потекнува од далечната 200-та година наша ера. Мушичарите од целиот свет знаат да се заблагодарат на Македонците за својата мушичарска страст. Пред 5 години во риболовниот клуб во Охрид дојде риболовец од Австрија сопственик на ланец хотели . Се одлучил да ја посети Македонија затоа што е лулка на мушичарењето. За Македонија малку знаеше, но за првата Македонска мушица можеше да зборува со денови. Македонската мушица се изработува и денес од современите мајстори.