ЈАВЕН ПОВИК бр. 02/2016 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во Рибарството и Аквакултурата за 2016 година
Врз основа на член 7, алинеја 9 од Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој („Службен весник“ на Република Македонија број 72/07, 5/09 и 43/2014), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објавува следниот ЈАВЕН ПОВИК бр. 02/2016 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во Рибарството и Аквакултурата за 2016 година.
КРАЈОТ РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊА Е 31.03.2016
Јавниот повик може да го преземете со кликање на линкот горе.
Порибување во регионот на Струмица
Интегрално известување од Зоран Паниќ од Струмица:
Со средствата што ги доделивте како помош за порибување на Ловно Риболовно друштво „ЕЛЕН“ од Ново Село беше извршено порибување некаде во пролета на три локации, брана Иловица, брана Новоселка и реката Струмешница од потегот Ново Село - граница со Бугарија. Порибено беше со помладок на крап. Голема благодарност до Рибар 2011 Скопје, за укажаната помош и се надеваме дека и во иднина ќе соработуваме.
Ловно-риболовно друштво „ЕЛЕН“ од Ново Село
Основи на риболовот на тапа
Еден од најпопуларните методи за риболов кај нас е риболовот на тапа. На тапа во Македонија најдобро се лови бојник, попадика, мрена, клен и кркушка по реките, како и караш, клен, црвеноперка, костреж и други риби по езерата. На тапа успешно се ловат и други риби, како крап и сом, но за тоа во друга прилика ќе напишеме повеќе.
За риболовот на тапа ни е потребна трска, најчесто телескопска, со поголема должина. Може да се користи од 3 метри нагоре, но нашите риболовци преферираат да користат поголеми трски, од 5, 6, па и 7 метри, посебно кога се лови на поголеми реки (Вардар, Дрим, Црна река), поради полесно зафрлување на тапата и контрола над истата при “возењето“. Во последно време се почесто се користат карбонски трски, кои се полесни од старите графитни трски, но исто така и понежни. Трската кога ја купуваме може да биде со фабрички поставени проводници (окца) и држач, а може да биде и без истите. Доколку трската нема фабрички окца, барем кај нас во Македонија, најчесто се работи за директна трска за риболов од врв, но бидејќи таквите трски се полесни од класичните “болоњез“ трски со фабрички окца, нашите риболовци им поставуваат окца и добиваат лесни трски за целодневен риболов.
Втора работа која ни е потребна е машинка, освен ако не ловиме со директна трска, односно трска без окца каде што на врвот врзуваме едно парче конец. Така може да се лови на помали реки каде што не е потребно зафрлување. Машинките кои ги користиме за риболов на тапа се обично помали, со помал капацитет на шпулната, но сосема доволно за риболов со тапа. Доволно е да има капацитет за 150 метри конец со димензија 0,16 – 0,18, тоа ќе ни ги покрие сите потреби при риболов со тапа.
За риболов на тапа најчесто се користи монофилен конец (најлон), со најразлични димензии, во зависност од рибата која се лови целно, како и условите на водата. Некои риболовци преферираат да користат подебел конец (0,18 – 0,22), а најдолу да стават предвез од потенок конец (0,10 – 014) кој начесто го поврзуваат со основниот конец со помош на “осмица“ за да не дојде до увртување и заплеткување на конецот. Некои рибари воопшто не користат предвез туку јадицата ја врзуваат директно на основниот конец. Битна работа кај монофилните конци е дека се доста еластични, што помага при вадењето на уловената риба, но битно е да се напомене дека нивниот век е релативно краток и брзо се оштетуваат од надворешни влијанија (топло, ладно, сонце итн.), и затоа се препорачува конецот да се менува секоја сезона.
Тапите кои ги користиме можат да бидат најразлични, но сепак има некои практични правила за тоа која тапа каде се користи. Тапите кои се подолгнавести се користат за езерски риболов и мирни води, а тапите кои имаат форма на солза, буренце, конус и сл, се подобри за речен риболов. Кај нас најпознати се речните тапи, т.н. “Вардарски“ тапи, кои најчесто се прават од плута, со многу краток стабилизатор. Инаку, тапите можат да бидат фиксни или подвижни, во зависност од тоа каде се лови. Фиксните тапи се користат на реки и помали длабини на мирни води, додека пак подвижните тапи се користат на поголеми длабини, најчесто за езерски риболов. Има и други видови на тапи, како на пример ваглери и сл, кои се користат за подалечни зафрлувања и поголеми длабини, но тие ќе бидат опфатени во друга тема.
Подвижните тапи се ставаат на начин да можат слободно да се движат по најлонот, се додека не дојдат до таканаречениот “стопер“, односно граничникот кој сме го поставиле на одредена претпоставена длабина. На тој начин можеме мамецот да го спуштиме и на 20 метри длабина со користење на потешка тапа и соодветно потешко отежнување – олово.
За стопер се користи или готов силиконски стопер (види слика), или пак сами врзуваме конец кој ќе ни служи како стопер.
Силиконски стопери:

Чворови за правење на граничник:

За отежнување на тапата користиме олово, со различни форми и големини. Постојат долгнавести олова, сачми итн. Најбитно кај отежнувањето е да биде добро балансирано, односно тапата да има голема осетливост при удар на риба – да се забележуваат дури и најситните удари бидејќи понекогаш и големите примероци знаат да “јадат“ ситно. Исто така, се препорачува да се користи помеко олово, за да се намали оштетувањето на конецот при ставање на оловото. Оловото може да се поставува на најразлични начини, групирано на 20-30 см над јадицата, одделено на 10 см помеѓу секое олово, во зависност од условите на терен.
На крај на системот за риболов на тапа се наоѓа јадицата. Ги има во секакви форми и големини, се користат различни јадици во зависност од тоа која риба се лови. За помали риби се користат помали јадици, од 18 до 10, а за поголеми риби и грабливки поголеми јадици, од 8– 2. Поголемите јадици се користат за клен, пастрмка, крап , додека пак помалите најчесто се користат за црвеноперка, бојник (поради малата уста), попадика итн.
Подвижна тапа
За многумина почетници, или пак риболовци кои досега не ловеле на подвижна тапа, овој начин на ловење им претставува тотална енигма.
Токму затоа во овој пост Ви го претставуваме риболовот на подвижна тапа.
Подвижната тапа најчесто се користи кога сакаме да фаќаме на место кое има поголема длабочина. Пример сакаме да фаќаме на 10 метри, 15 метри, 20 метри или повеќе. Доколку фаќаме со обична т.е фиксна тапа, тогаш неможеме да ја постигнеме саканата длабочина и затоа мора да фаќаме или на дубинско, или со подвижна тапа.
Подвижните тапи лесно ќе ги препознаете во секоја продавница, по тоа што за разлика од обичните тапи, подвижните најчесто немаат дупка во средина и имаат две окца и горе и доле на самата тапа. Основната функција на овие окца е да овозможат слободен проод на рибарскиот конец.

Контролата на длабочината на која сакаме да фаќаме кај подвижната тапа е со тоа што на конецот поставуваме стопер која ја стопира тапата на онолкава должина колку што ние сакаме. Ако сакаме да фаќаме приближно до дното, тогаш стоперот го дигаме цело време, се додека тапата не се преврти во хоризонтална положба, тоа значи дека оловото го допрело дното. Кога веќе сме виделе колку од прилика е длабочината на местото на кое фаќаме, со мало поместување на стоперот надоле (околу 30 сантими) доаѓаме до идеална длабочина, т.е нашиот мамец е блиску до дното (секако ако сакаме да ловиме на таа длабочина). Ако сакаме да ловиме во средните слоеви на водата, тоа повторно го регулираме со стоперот, т.е со негово спуштање надоле.
Стоперите можат да бидат најразлични, некои луѓе врзуваат конче на конецот, некои врзуваат ластиче,

меѓутоа најкористени и најпрагматични сепак се готовите стопери кои се купуваат во риболовните продавници.



За разлика од импровизираните стопери, готовите стопери се помали, полесно ги поминуваат окцата на трската, направени се од материјал (гумени, или силиконски) за подобро да се држат на конецот, не се лизгаат често и потешко може да ја изгубиме длабочината која веќе еднаш сме ја одредиле. Ако користите вакви стопери тогаш гледајте да ги поставите на конецот пред воопшто да ја монтирате тапата, јадицата и оловото, за да не правите се од почеток.
Бистро
Хранилиште за крап
Како и за многу видови риби, така и за крапот прихранувањето е особено битно за привлекување на рибата и задржување на место на кое ние и ја пласираме нашата мамка.
Многумина риболовци кога одат да фаќаат на некое место најчесто ќе земат шеќерац, пченка, пченица, ќе испофрлаат некоја рака и почнуваат да ловат, влечејќи искуство од ловење на други риби, како што се попадиката, карашот, бојникот, мрената и сл.кои со такво инстант крмење доста често знаат да дадат резултат. Сепак кога зборуваме за ловење на крап, поискусните крапџии ќе Ви потврдат дека за да имате некаков резултат, или подобар резултат, ќе треба добро да го спремите теренот на кој ќе риболовите.
Чекор – Одбирање на терен и место каде ќе фрлате прихрана
Одбирањето на место каде точно ќе риболовите е доста битно и во многу случаи може да биде пресудно. Не е само да се спреми добра прихрана, добри бојли, мамки, атрактори и сл. треба да се внимава каде ќе се пласира целата таа храна. Најдобро е ако го знаете теренот, хранилиштето да го правите онаму каде што има релативно почист терен (да не фрлате храна во шума под вода). Ако има некои грмушки, треви или друг заклон за рибите во близина на чистото место каде ќе пласирате храна, тоа е одлично место. Второ - хранилиштето да го правите на место кое нема големи длабочини. Крапот е риба која многу ретко се лови на 15, 20 или повеќе метри. Значи потребно е да се бара место кое е 3 – 10 метри и тука да се прави хранилиштето. Кога зборуваме за одбирање на место, длабочина и терен, кај поискусните крапџии позната е постапката Сондирање на теренот и подготвување на мапи на истиот, но сепак за тоа во друга прилика. Трето, но не помалку важно, да пробате да пласирате храна онаму каде што сметате дека крапот се движи. Ова е доста тешко, но ако сте почесто на вода, ако имате добро информации, ако сте гледале активност на крапот, може лесно да претпоставите и одберете место.
Временски подготвување на хранилиштето
Како што претходно истакнавме, за ловење на крап не е добро да фрлите некоја рака шеќерац и да се надевате на улов на крап. Вака инцидентни удари може да сте имале, но сепак тоа е само инцидент. За да се каже дека спремате хранилиште, сепак треба да го спремате некое време пред да ловите. Ако одите на неколку дена риболов, почнете да крмите од почеток и надевајте се дека можеби вториот, или третиот ден ќе имате по некој удар. Ако одите на подолго фаќање тогаш имате поголема можност за спремање на хранилиштето. Сепак се чини најдобро е постепено, на повеќе наврати, со недели/месеци наназад на своето место да пласирате одредена количина на храна, со цел крапот да го научи тоа место и што почесто да го посетува во своите секојдневни рути на барање на храна. Вакво хранилиште особено ќе Ви ги зголеми шансите за добар улов кога ќе дојдете да риболовоте.
Форма на хранилиштето
Некои луѓе храната ја исфрлаат како ќе им текне, некио храната ја пласираат на куп, некои прават форма на хранилиштето, некои прават две хранилишта, некои две линии, некои прават мало хранилиште, некои прават голем тепих под вода. Секое од овие варијанти си има своја идеја, замисла и цел. Основната идеја е на тоа место да се вртат риби, да има постојана активност, крапот да е заинтересиран да види што се случува тука и секако да се научи дека тука има храна. Доколку се прават две оделни хранилишта на релативно мал потег, тоа е најчесто поради идеата да се пласираат две различни ароми, или две различни мамки. Кога се прави голем тепих под вода, тоа најчесто е на големи и чисти терени, каде што риболовецот планира да покрие што поголем потег од водата за рибите што полесно и во што поголем број да легнат на големото хранилиште. Некои прават хранилиште во форма на буквата V со идеа добро да ги распоредат трските, во подлабоко и поплитко и да се примами крапот од подлабокото (краците) кон јадрото поплиткото.
Бистро
Како да се користат ПВА пакетчиња со прихрана
Што е тоа ПВА?
ПВА (PVA Polyvinyl Alcohol) е соединение кое се растопува во вода и е неизбежен додаток во модерниот крапски риболов, ПВА производите се произведуваат во многу варијанти меѓу кои најпознати се конецот, врекички, мрежата и лентата. ПВА се користи за прихрана целна прихрана со што се концентрира прихраната околу мамецот. Прихранувањето со пва се користи за мали до средни дистанци, но при правилната подготовка и правилно зафрлување, нема проблем да се зафрли и до 100-на метри.
Во овој текст ке се концентрираме на пва врекичките кој се полнат со разни видови на пелети, здробени боили, пченка, разни семенки итн. Исто така може и да се додадат и специјализирани дипови кој се означени како ПВА Пријателски (PVA Friendly).
Потребни алатки:
За постигнување на растојание околу 100-на метри ви е потребен здрав рибарски стап и обавезно е користењето на шок лидер, кој може да е и обичен најлон со дебелина над 0.45мм.
Подготовка на пакетот:
Храната која ја ставаме во врекичката треба да е апсолутно сува, затоа што било какво присуство на вода ке го стопи пва врекичето. Како основа може да се користат здробени боили, пченка која преходно е протркалана во прашкаста прихрана за да ја упие влажноста, разни големнини на пелети итн.
Должината на поводникот ми варира меѓу 10 и 20 см ..
1. Фатете ја монтажата и ПВА пакетчето

2. Ставете го мамецот во едниот агол на пакетот ПВА

3. Исполнете пакетот до половина. Во дадениот случај јас користам мешавина од пелети со различни големини.

4. Ставете го оловото во пакетот, така што да лежи врз мешавината од пелети и притоа бидете внимателнида предвезот не е уплеткан.

5. Досипете со пелети до 2/3-ти од обемот и заврзете пакетот со ПВА-лента. Превртете ги ќошињата на пакетот, натопете ги нежно и припојте ги кон пакетот.

6. Продупчете го така спремениот пакет десетина пати со игла за боили.

7. Вака готовиот пакет е многу добро спакуван и има речиси аеродинамична форма, погодна далечни зафрлувања.

8. По пропаѓањето, пакетот брзо се распаѓа, формирајќи куп исхраната, над центарот на која се издига вашиот мамец.

Како да се фати крап?
Тоа е една од најчестите прашања поставувани од страна на сите заразени рибари и потенцијални крапчии. Во пронаоѓањето на одговор на ова основно прашање, понекогаш и основните принципи и знаења за лов на крап, може да се изгубат под постојано бомбардирањето со информации за нови методи, системи, мамци и пристапи за лов.
Па, во сета оваа бркотница, повторно се поставува прашањето, како да се фати крап?
Една од најпрвите работи кои треба да се знаат кај крапскиот риболов е да се менаџираат очекувањата, т.е просто кажано да не забегуваме со оптимистички прогнози и после да се разочаруваме. Фаќање на крап не е лесно, но за многумина, тоа е токму предизвикот. Крапот е доста умно суштество и не е секогаш лесно да се надмудри. Всушност многу познати крапџии потврдуваат дека помеѓу нивните добри и богати улови, стојат многу промашени експедиции.
За почетниците, важно е да се нагласи дека во крапскиот риболов треба да се влезе нежно, т.е да не се оди веднаш на очекувања дека ќе “мавне“ некој од големите, туку најдобро е да се почне од помалите.
Можеби една од првичните работи е да почне да се учи уметноста на лоцирање, фаќање и вадење на крапот. Ова е добро да почне да се вежба на добро порибени води, како што се на пример приватните езерца. Тие се добра можност за почетниците, како некакво предзнаење за моментите кога ќе се соочите со крап на дивите води. На ваквите води има многу поголема можност да добиеме vo cekanjeповеќе удари на крап, а повеќе удари на крап значат поголема можност за да се стекнеме со разноразни знаења каде удира, а каде не, да почнеме да вадиме првични прогнози зошто ни удрило на едно место, а не удрило на друго, зошто удрило на еден мамец, а на друг не, зошто удира само на една трска, а на другите не, зошто насабајле удираше, а попладне не сака.
Опремата е важна, но не се залажувајте дека уште на почетокот треба да имаме специјални крапски трски, посебни држачи за трските, скапи сигнализатори, јаки машинки, посебни бојли и сл. Имајте на ум дека крапскиот риболов стана масовна индустрија за продавниците и производителите на крапска опрема и храна, кои се почесто плаќаат добри маркетинг специјалисти кои им спремаат вистински стратегии кои треба да ги убедат читателите дека мораат да имаат ваква или таква опрема/храна за да фатат некој крап. Нека не ве залажуваат.
За да започнете со учење, све што ќе ви биде потребно е да имате посилна трска, средна или поголема машинка, да научите да врзувате основни подвези, да користите појаки јадици, да употребувате пченка како еден од најдостапните мамци за крап и ако ловите на дубинско да си користите ѕвончиња, или да бидете блиску до трската за да не ви ја одвлече некој крап во водата.
Кога веќе сте на вода, искуството ќе си го направи своето. Учете од оние кои повеќе знаат од вас. Ако ловите на техника на која сте ловеле и претходно, немојте да мислите дека ловењето на крап е нешто многу поразлично од ловењето на пример на клен на дубинско. Ќе има многу ситуации кога на вашата мамка ќе удираат и други риби, со тек на времето ќе сватите и зошто, која е улогата на мамците, системите, длабочината на која се бара крапот, големината на мамецот и сл.
За почеток, можете да се потрудите да направите најобичен систем за длабочинско фаќање, т.е фаќање на дно, затоа што крапот најчесто својата храна ја наоѓа од дното. Значи ќе ви биде потребно нешто потешко олово, 10, 20, 30 грама и подвез врзан за “осмица“. Што се однесува до јадиците ако сте во можност користете ковани јадички со број 10, 8, 6, во зависност од големината на краповите кои ги има во водата на која ловите.
За мамец, немојте да мислите дека бојлите се најдобриот и перфектен мамец за крап – ќе се излажете. Многупати пченката и пченицата се покажале како одличен мамец.
Зошто баш КРАП?
Не дека крапот поседува некои особини на “риба - БОГ“ и далеку од тоа дека треба да се стави на пиедестал и на прво место пред останатите риби, но факт е дека во изминатите години крапскиот риболов е во најголем подем и голем број на рибари се “заразени“ со лов на крап.
Зошто е тоа така ?
Постојат голем број причини зошто крапскиот риболов постанува се поактрактивен, но генерално има неколку главни фактори :
1. Краповите имаат тенденција да бидат најголемите риби во езерото, или реката. После сомот, во цела Европа, па и пошироко, токму крапот е најголемиот, а она што е најголемо, често е и најатрактивно за ловење. Голем број од нас можеби се специјалисти за попадика, бојник или мрена, ама крапот не расте до 2-3 кила, туку и над 30 килограми Wink
2. Откако ќе биде закачен, крап е еден од најсилните борци на јадица, обично се борат на секоја педа на патот кон нашите мрежи (а често и внатре во нив). Борбата значи адреналин, а адреналинот е она што најмногу се бара.
3. Крапот е особено лукава риба. Со текот на времето краповите учат и стануваат особено претпазливи. Ова особено се однесува за местата каде се хранат и храната која ја земаат. Значи не само силен, туку и умен противник, тоа е една од најсилните причини крапот да стане предизвик за многу рибари.
4. За да го фатиш, треба да осознаеш многу работи, многу ситници кои можат да значат улов, губење на уловот, или бесполезно чекање на крапот со денови, без никаков резултат.
5. Воедно, треба да се истакне дека крапскиот риболов има и силна социјална страна. Всушност, социјална страна има секој риболов каде се оди и се престојува во природа повеќе денови, а крапскиот риболов е токму таков. Па така, на разните ливади покрај езерата, во бесконечните часови во кои со нетрпение се чекаа сигнализаторот да писне, доста често се случуваат разни пријателства, седење покрај огнот, дружби, салати, скари и пијанки, едноставно добра дружба.
Сè на сè, крапскиот риболов е голема школа, голем предизвик и добра забава.
Се надеваме дека во понатамошните текстови за крапскиот риболов кои ќе следуваат во иднина, голем број од оние кои сеуште не се запознале со неговото височество “КРАПОТ“, ќе успееме да ги заразиме, а воедно се надеваме дека, ќе потикнеме и дел од македонските мајстори за крап да ни доловат некои од нивните тајни, кои ние не ги знаеме, а кои македонските рибари со нетрпение ги очекуваат.
Бистро крапџии !
ЗРСК Пастрмка - Струга
Здружение на риболовци спортски клуб “ПАСТРМКА“ - Струга
Концесионер на риболовниот ревир „река Црн Дрим 1“
Рекреативен риболов е дозволен исклучиво со поседување легитимација и дозвола за рекреативен риболов.
Цени на риболовни дозволи за 2016 година:
1600 ден. - годишна дозвола
700 ден. - петнаесетдневна дозвола
500 ден. - седумдневна дозвола
200 ден. - дневна дозвола
Жиро сметка: 200000003399648
Депонент: Стопанска банка
e-mail адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Контакт телефон: +389 77 766-777
Претседател: Емил Матовски
Телефон за контакт: 078/255-040
Рекреативен риболов е дозволен преку целата година освен во периодот за мрест.
Одредена е забрана за риболов поради мрест на одрдени видови риби и тоа во период:
Пастрмка - од 01. Октомври до 28/29 февруари наредната година
Црна мрена - од 15 мај до 30 јуни
Скобуст - од 15 април до 15 мај
Клен - од 05 мај до 15 јуни
Крап - од 15 мај до 30 јуни
Риболов на пастрмка е дозволен во периодот петок, сабота, недела и за државни празници во периодот од 1 март до 30 септември.
Сите уловени риби во периодот кога е предвидена забрана за истите, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.
За оние видови на риба за кои не е предвидена забрана за мрест рекреативниот риболов ќе биде дозволен преку целата година.
Голема река и Вевчанска река, по целото нивно течение се определени како природни плодишта каде се мрести пастрмката и на истите e определена забрана за секаков вид риболов во периодот од 1 октомври до 1 март
Дозволен дневен улов, по видови на риба, за рекреативен риболов :
пастрмка во река Црн Дрим - 2 примероци
пастрмка во притоките на река Црн Дрим - 3 примероци
црна мрена - 25 примероци
скобуст - 13 примероци
клен - 10 примероци
крап - 1 примерок
јагула - 1 примерок
Максимална дозволена количина на дневен улов на риба изнесува вкупно 3 кг. Доколку во уловот има разни видови на риба, вкупната количина во еден ден не смее да биде поголема од 3 кг, а воедно и не смее да бидат надминати максималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови.
Големина на рибите под која не смеат да се ловат:
Пастрмка во р. Црн Дрим - 40 см
Пастрмка во притоките - 30 см
Црна мрена - 20 см
Писа - 20 см
Скобуст - 25 см
Клен - 30 см
Крап - 40 см
Јагула - 50 см
Сите уловени риби под определената големина, потребно е внимателно да се откачат од јадицата, неоштетени и во жива состојба да се вратат во водата.
За останатите видови риби кои, кои не се наведени во табелата, може да се ловат во сите големини.
Ракот е забранет за ловење во сите големини.
Страната ribar.com.mk е повторно во функција
Почитувани колеги риболовци,
Ве известуваме дека сајтот ribar.com.mk е повторно во функција. Во изминатиот период поради напад со вируси на серверите каде што се хостира сајтот, дојде до оштетување на дел од веб страната и истата не беше во можност да функционира како што треба (дел и поради застареност на платформата на која беше поставена), па затоа решивме привремено да ја исклучиме за да направиме нов и модерен сајт. Во меѓувреме функционираше само форумот на ribar.com.mk/forum
Во моментов се уште работиме на страната, ова е првична верзија, работите постепено се префрлаат од старата страна, колку што нам ни дозволува времето.
Се надеваме дека за кратко време ќе го скоцкаме комплетно сајтот и ќе го освежиме со нови информации корисни за риболовците од Македонија. Доколку имате сугестии или предлози, идеи за нешто што би сакале да видите на сајтот дополнително, слободно испратете ги на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Со почит,
Администрација

