Основи на риболовот на тапа

Основи на риболовот на тапа

Еден од најпопуларните методи за риболов кај нас е риболовот на тапа. На тапа во Македонија најдобро се лови бојник, попадика, мрена, клен и кркушка по реките, како и караш, клен, црвеноперка, костреж и други риби по езерата. На тапа успешно се ловат и други риби, како крап и сом, но за тоа во друга прилика ќе напишеме повеќе.


1За риболовот на тапа ни е потребна трска, најчесто телескопска, со поголема должина. Може да се користи од 3 метри нагоре, но нашите риболовци преферираат да користат поголеми трски, од 5, 6, па и 7 метри, посебно кога се лови на поголеми реки (Вардар, Дрим, Црна река), поради полесно зафрлување на тапата и контрола над истата при “возењето“. Во последно време се почесто се користат карбонски трски, кои се полесни од старите графитни трски, но исто така и понежни. Трската кога ја купуваме може да биде со фабрички поставени проводници (окца) и држач, а може да биде и без истите. Доколку трската нема фабрички окца, барем кај нас во Македонија, најчесто се работи за директна трска за риболов од врв, но бидејќи таквите трски се полесни од класичните “болоњез“ трски со фабрички окца, нашите риболовци им поставуваат окца и добиваат лесни трски за целодневен риболов.

2Втора работа која ни е потребна е машинка, освен ако не ловиме со директна трска, односно трска без окца каде што на врвот врзуваме едно парче конец. Така може да се лови на помали реки каде што не е потребно зафрлување. Машинките кои ги користиме за риболов на тапа се обично помали, со помал капацитет на шпулната, но сосема доволно за риболов со тапа. Доволно е да има капацитет за 150 метри конец со димензија 0,16 – 0,18, тоа ќе ни ги покрие сите потреби при риболов со тапа.

 

3За риболов на тапа најчесто се користи монофилен конец (најлон), со најразлични димензии, во зависност од рибата која се лови целно, како и условите на водата. Некои риболовци преферираат да користат подебел конец (0,18 – 0,22), а најдолу да стават предвез од потенок конец (0,10 – 014) кој начесто го поврзуваат со основниот конец со помош на “осмица“ за да не дојде до увртување и заплеткување на конецот. Некои рибари воопшто не користат предвез туку јадицата ја врзуваат директно на основниот конец. Битна работа кај монофилните конци е дека се доста еластични, што помага при вадењето на уловената риба, но битно е да се напомене дека нивниот век е релативно краток и брзо се оштетуваат од надворешни влијанија (топло, ладно, сонце итн.), и затоа се препорачува конецот да се менува секоја сезона.

4Тапите кои ги користиме можат да бидат најразлични, но сепак има некои практични правила за тоа која тапа каде се користи. Тапите кои се подолгнавести се користат за езерски риболов и мирни води, а тапите кои имаат форма на солза, буренце, конус и сл, се подобри за речен риболов. Кај нас најпознати се речните тапи, т.н. “Вардарски“ тапи, кои најчесто се прават од плута, со многу краток стабилизатор. Инаку, тапите можат да бидат фиксни или подвижни, во зависност од тоа каде се лови. Фиксните тапи се користат на реки и помали длабини на мирни води, додека пак подвижните тапи се користат на поголеми длабини, најчесто за езерски риболов. Има и други видови на тапи, како на пример ваглери и сл, кои се користат за подалечни зафрлувања и поголеми длабини, но тие ќе бидат опфатени во друга тема. 

Подвижните тапи се ставаат на начин да можат слободно да се движат по најлонот, се додека не дојдат до таканаречениот “стопер“, односно граничникот кој сме го поставиле на одредена претпоставена длабина. На тој начин можеме мамецот да го спуштиме и на 20 метри длабина со користење на потешка тапа и соодветно потешко отежнување – олово.

За стопер се користи или готов силиконски стопер (види слика), или пак сами врзуваме конец кој ќе ни служи како стопер.

Силиконски стопери:

8

Чворови за правење на граничник:

9   10

 

11За отежнување на тапата користиме олово, со различни форми и големини. Постојат долгнавести олова, сачми итн. Најбитно кај отежнувањето е да биде добро балансирано, односно тапата да има голема осетливост при удар на риба – да се забележуваат дури и најситните удари бидејќи понекогаш и големите примероци знаат да “јадат“ ситно. Исто така, се препорачува да се користи помеко олово, за да се намали оштетувањето на конецот при ставање на оловото. Оловото може да се поставува на најразлични начини, групирано на 20-30 см над јадицата, одделено на 10 см помеѓу секое олово, во зависност од условите на терен.

12На крај на системот за риболов на тапа се наоѓа јадицата. Ги има во секакви форми и големини, се користат различни јадици во зависност од тоа која риба се лови. За помали риби се користат помали јадици, од 18 до 10, а за поголеми риби и грабливки поголеми јадици, од 8– 2. Поголемите јадици се користат за клен, пастрмка, крап , додека пак помалите најчесто се користат за црвеноперка, бојник (поради малата уста), попадика итн.

Прегледано 18387 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija