Заврши Јадранско-подунавскиот куп во мушичарење на реката Гацка во Хрватска. Вчера се прибравме дома, со убави впечатоци од целиот натпревар и се останато поврзано со тоа местенце.
Тргнавме во четвртокот сабајле, со паузи патувавме 12 часа. Стигнавме приквечер во Оточац, кај хотелот до самата река. Пред да се истовариме, прво отидовме да ја видиме реката. Времето беше на стемнување и реката беше многу “жива“. Пастрмки насекаде скокаат, собираат емерџери во филм, гледаме под нас од мостот големи парчиња, лепота. А реката како терен, ужас. Целата иста, многу спора, многу длабока, премногу подводна трева, по пола од секоја позиција беше со трева или шавар. Длабина од метар, два, три, пет... А бистра, све се гледа и на најголемата длабина. Пристапот од горе, нема шанси за газење во вода, многу заебано за кепање на риба, моравме да модификуваме кепчиња, да додаваме водоводни цевки како подолги рачки итн.
Се сместивме дента, утредента имавме тренинг, па за ручек свечено отворање на натпреварот, па после тоа на уште еден тренинг во сопствена режија. Видовме отприлика што може да даде резултат, но тоа беше надвор од стазата и генерално трениравме на порибени калифорниски. Инаку самата река има МНОГУ риба, се чува, рибата не се зема, се лови со барблес, дневна дозвола е 20 евра, а рибари доаѓаат од цел свет, хотелчињата се букирани преку цела година однапред. Да се чуди човек како може да функционираат така работите, споредено со нашава лепота од држава. На пладне имаше и влечење на комбинации за позиции, а утредента стартуваше натпреварот.
Ловевме со комбинезони од суво, ако си со комбинезон умираш од топло на 35 степени, на сонце, без сенка, без можност за влез во вода, а ако отидеш без комбинезон ќе го јадеш по кал, чудни треви што ти ги прават лом нозете и слично. Кој носеше комбинезон се потеше, кон не носеше се чешаше и се праеше лом во нозе. Лудило, по 2-3 литра вода пиевме за 3 саата коло. Сахара.
Во првото коло јас бев во А сектор, Емил во Б, Цаки во Ц. За нивните позиции може да дополнат, јас кога ја видов мојата се извадив од памет. Повеќе од пола позиција трева од моја страна, од другата страна пониска подводна трева и тук-там по некоја дупка. Искрено, не знаев дали ќе успеам да уловам риба. Во А сектор речиси и да немаше од порибените калифорниски кои доста се ловеа од натпреварувачите кај што ги имаше, туку беа само стари поточари. Во првите 15 минути, на почетокот, во една од дупките успеав да уловам една поточара од 42 см (700-800) грама и да ја извадам. Тоа ми беше единствен улов на таа позиција. Имав уште 2 поточари на трска, едната ми скина цел типет строфт 0,12, беше поголема од првата, а втората не ја ни видов, само ми се исправи и искрши јадицата при борбата (тенка барблес јадица) и ја изгубив и таа риба. Друг удар немав.
Тоа коло Емил во Б (Б беше најбогат сектор) улови 6 риби и Цакуле во Ц 6 риби.
Второ коло, јас во Б, Емил во Ц и Цакуле во А. Ми се падна добра позиција, извадив уште една голема поточара, па после извадив уште 9 калифорниски на мокра мушица и изгубив 10-тина риби, откачени при вадење, од кои 5 пред кеп пошо беше страшно незгодна позицијата за кепање. Во второ коло Емил имаше 7 риби, Цакуле 3 и јас 10.
Трето коло, утредента. Сите мртви од претходниот ден, рибите доста избоцкани. Јас во Ц, ужас позиција, еден океан пред мене плус треви. Имав вкупно 3 риби на удица, првата ме заеба и тргна брзо кон мене и ми се олабави шнурот и ја изгубив. Втората и третата се откачија при вадење од барблесот, ловев на нимфи на 17-ки јадици... Останав со 0 (компир) и тоа не спушти барем 1 место во вкупниот пласман. Емил во трето коло на А имаше мислам 4 риби, а Цакуле 1 во Б, му се падна лоша позиција.
Завршивме 12 од 18 екипи, можевме и подобро, но така се погодија работите.
Инаку се ловеше на тенки типети, од 0.10 до 0.14, ловевме на нимфи фазани, пердигони, на суви фазани и зајачиња и лесно отежнати фазани за во филм. Рибата јадеше чудно и се ловеше како на езеро, со цимкање на мушиците за да им се даде живост бидејќи водата беше премногу спора и многу пати се случуваше рибата да дојде до мушицата, да види дека не е нешто природно за јадење и да се тргне.
Во секој случај, уште едно искуство со нешто што не сме се сретнале до сега.
А самата локација, местенцата, реката, тоа е чудо. Се чудевме како на балканов има место каде што нема ѓубре по реката, нема фрлени шишиња, кутии од цигари, кеси и се она што го гледаме по нашите реки. Значи можело, само требало да се сака...