Мамци - црн црв

Мамци - црн црв

Најраспространет и најуниверзален мамец на сите слатки води е обичната глиста или црв. Црвот е омилена храна на многу животни, па така и на некои риби. Живее во земјата и се храни со неа, т.е се храни со растителните остатоци кои се распаѓаат во земјата. Црвот тие отпадоци ги јаде, ги преработува и ги исфрла од своето тело и на тој начин создава земја црница-хумус. Со движењето под земја, црвот го дроби и обработува тлото. Се размножува во земја преку јајцата кои ги остава. Црвот го карактеризира способноста за регенерација, па така доколку биде искинат на половина, тој не умира и искинатиот дел со тек на времето ќеа му израсне.

Црвот е особено осетлив на влажност и не му одговараат суви места. Треба да се чува во влажна земја, или пак во канчето каде што ги собираме да ставиме неколку парчиња влажен весник или хартија. Ако за време на летото ги понесуваме црвите со нас на риболов, треба да се внимава земјата да им биде влажна, од време на време да се менува и да не се изложуваат на директна топлина и постојано сонце. Кутијата за црви секако треба да има и мали дупчиња за воздух, кои доколку би ги немало, црвите би умреле. Во зима, црвите исто така се многу осетливи, затоа што многу лесно можат да замрзнат.

Кога се зборува за црвите како рибарска мамка, се спомнуваат разни врсти на црви, меѓу кои освен најпознатиот црн црв, доста популарни се белите црви, ситните црвени црвчиња, зелените црви и други врсти, кои посебно внимание ќе им посветиме во посебни текстови.....

Што се однесува до црните црви, според црните црви кои најмногу се користат, најпопуларни се три видови: калифорниските црви, обичниот (среден) црв и најголемиот-чаирски црв.

Калифорниските црви - Овие црви се карактеризираат по тоа што се поситни, поеластични, потенки, поиздржливи и поенергични од останатите два вида. Овие карактеристики ги прават доста популарни, а можеби и најкористени од рибарите. Кога ќе се закачат на јадица доста мрдаат и се превиткуваат, што е исклучително добро за нашиот улов, затоа што рибите не им одолеваат на мамките кои мрдаат и гзатоа овие црвчиња доста ги првлекуваат. Со “калифорниско“ можат да се ловат многу врсти на риби: црвеноперката, попадиката, кркушката, кленот, крапот, карашот, пастрмка, костреж и уште многу други риби. На “калифорниско“ може да удри и риба која најмалку ја очекуваме и токму затоа, по некое канче “калифорниски“ се зима секогаш кога одиме на одреден ревир каде што има повеќе врсти на риба, и кога основната намера ни е рибата да удира, добро да си поминеме и да се вратиме со што поголем улов, без разлика кој вид на риби сме фатиле. Исто така, “калифорниски“ се земаат и на места каде што не сме биле никогаш, затоа што никогаш не се знае која риба ќе биде активна и на кој мамец ќе покаже резултати, можеби токму калифорниското црвче ќе ни биде најдобриот мамец тој ден. Се задржуваат во одредени ѓубрива и други влажни места каде што се распаѓаат одредени растенија.

Средните црни црви ни се потребни секогаш кога одиме на лов на риба која сака покрупна мамка и преферира поголеми црви. Па така кога ловиме мрена, пастрмка, караш, клен или крап можеби подобро е да зафрлиме на покрупните црви. Овие црви, доколку закачиме поголем број од нив можат да дадат резултат и кога се лови поситен сом. Доброто кај овој среден црн црв е што тој е подебел и поголем и можеме да користиме и поголеми јадици, за разлика од поситните “калифорниски“ црви, за кои најчесто се користат 14-ка или 12-ка јадица. Покрупните црви освен на разни влажни места, живеат и покрај некои канали.

na soma postavom 3

Чаирски црви - Чаирските црви можат да бидат долги и до 25-30 сантими, се најголемите и најдебелите црви кои се доста популарни за ловење на одредени врсти на риби, особено се познати за лов на сом, но се користат и за лов на покрупни примероци на клен и други риби. Овие црви имаат една доста голема негативност, а тоа е што треба многу претпаливо да се чуваат и транспортираат, затоа што лесно умираат, а тоа особено важи за летно и спарно време. Па така овие црви треба да се чуваат во поголеми кофички со повеќе земја, затоа самите црви се големи и им треба поголем простор. Овие црви се доста осетливи на воздухот и мора да се запамти никогаш да не транспортираат во нешто што е целосно затворено. Дури и кофичките кои сме ги дупнале, треба да се осигураме дека дупките се особено големи за црвите да имаат доста воздух или пак канчето во кое ги транспортираме воопшто да не го затвораме. Во спротивно, овие црви за брзо време ќе умрат, а тоа е доста лошо, затоа што тешко се наоѓаат и не се баш евтини да се купат.

Доста често некои рибари, или пак одгледувачите на чаирски црви ги имаат “посеано“ т.е пуштено во своите бавчи и дворови, каде чаирските црви се размножуваат и живеат, а и многу добри ја обработуваат земјата. Малку се потешки за фаќање и треба да се копа подлабоко или пак да се фаќаат навечер кога излегуваат на површината на земјата. Кога се во прашање чаирските црви, доста популарен е и еден трик за нивно фаќање, секако на места каде што ги има, а тоа е со струја. Трикот се состои од тоа што земјата добро се мокри неколку часови предходно по што преку одредено железо кое е забодено во земјата (штравцигер, железна шипка и сл) се пушта струја во земјата и црвите почнуваат сами да излегуваат на површина, каде многу полесно се ловат. При ова треба да се биде доста претпазлив со струјата и истата секако треба да биде исклучена во моментите кога ќе ги собираме црвите.

Како се става црвот на јадица

Од самото поставување на црвот на јадицата зависат многу работи во успехот на нашиот риболов. Најдобар начин на поставување на црниот црв на јадица е црвот да виси надоле. Ова значи дека поуспешна форма е доколку црвот не го наденеме целосно на нашата јадица, туку доколку го прободеле неколку пати (во зависност од неговата должина, што подолг - повеќе убоди на јадица) со што половина од неговата должина да остане и слободно да виси од нашата јадица. Токму ова висење на црвот е нешто што најмногу ги привлекува рибите, особено ако црвот мрда, а таква можност му оставаме само доколку не го прободеме целосно со нашата јадица. Токму затоа црвот се прободува од едната страна два-три пати и така се зафрла во водата.

stavanje na crv

Исто така може да се прободе и во средината неколку пати, така што да му се оставаат двата краја слободни. Истото важи и доколку на јадицата се поставуваат повеќе од еден црв - се оставаат црвите да мрдаат.

Доколку се лови сом, тогаш најчесто се користат поголеми јадици и повеќе црви кои се набодуваа на јадицата.

При ловењето со црви, секогаш треба да се има сразмер и на големината на нашата јадица и големината и должината на црвот. Голема и дебела јадица не иде на помал и тенок црв, затоа што црвот лесно ќе се скине, а и нашата јадица ќе биде лесно воочлива во водата.

Како да најдеме црви во природата

Кога зборуваме за цврите, впрочем како и сите други мамки, истите треба да се набават пред да стигнеме на местото каде планираме да фаќаме. Сепак доста често, дури и на поискусните рибари им се случува да не наберат, да заборават да купат или поради разна друга причина да не ги понесат црвите на своето рибарско патување. Понекогаш тоа и не е битно затоа што рибата јаде на друг мамец, но понекогаш токму црните ќе ни затребаат и токму на нив рибата најдобро ќе јаде. Ова станува голем проблем, особено ако сме далеку од дома, ако сме далеку од одредено место каде можат да се купат црви и ако рибарите кои сме ги сретнале не се многу заинтересирани да ги поделат со нас црвите, (нормално за и ние да фаќаме, како и тие). Во вакви ситуации ни останува да “пукнеме од мака“ гледајќи ги другите како вадат риба, или пак да пробаме да пронајдеме црви во природата.црв во природа

При потргата по црви, основно правило е “барајте онаму каде што е влажно“. Па така треба да се бара блиску до разни канали, потоци, некаде каде што истекува вода, и некаде каде што земјата е помокра од земјата во блиската околина. Копајте блиску до овие места, барајте онаму каде што гледате дека е копано од некој рибар пред вас, барајте во близина на одредени ѓубрива, барајте под лисјата кои се натрупани на земјата. Кога е лето и кога земјата е особено сува, побарајте и во близина на разни водоводни шахти и места од каде што се пушта вода. Не ги одбегнувајте и поголемите камења затоа што земјата под нив во секој случај е помокра од останатата околина, првртете ги и бидете спремни веднаш да собирате црви затоа што истите можат веднаш да се скријат од кога ќе го тргнете каменот. При ова бидете особено претпазливи каде и кои камења ги превртувате, затоа што под нив може се крие и некоја змија, па затоа бидете спремни на брза реакција.

Своја фарма за црви

Секако дека не е многу тешко и да се создаде и своја “фарма“ на црви со што би имале црви во секоја доба од годината. За тоа ни е потребно само да земеме една поголема картонска кутија, да ја наполниме со одредена земја која одгoвара за живот на црвите (најдобра е онаа од каде сме ги нашле) и во неа да пуштиме од црвите кои сакаме да ги одгледуваме. Притоа, во оваа кутија, од време на време ќе фрламе одредени растенија, делови од компир, разни зелени салати, талог од кафе и друго ѓубре. На тој начин ќе имаме постојано на располагање свои црви и нема да ни треба време и средства за нивна набавка.

Употребата на црвите во земјоделието

Освен како рибарска мамка црвите доста се употребуваат и во современото земјоделие. Уште пред 5000 год. старите Египќани знаеле за црвите. Со нивните закони најстрого забрането било изнесување црви од долината на реката Нил, бидејки тајната на плодноста на тој крај била врзувана со голема концентрација црви во речните наноси на реката Нил.

Многу векови подоцна еден од најголемите научници Чарлс Дарвин повеќе од 40 години ги проучувал црвите и прв напишал до денес најкомплетна студија за нив. Во неа изведува едноставен заклучок дека ‘‘Сета родна земја во целиот Свет повеќе кратно поминала и ќе поминува низ утробата на црвите‘‘ и констатира дека црвите во природата во тек на една година преработуваат и исфрлаат 4 кг. хумус на квадратен метар (или 40 тони на хектар). И уште констатира дека во природата не постојат други животни кои во историјата на Светот одиграле толку важна улога каква што одиграле црвите во создавање на хумусот, како основна структурна компонента од кого завивиси основната човекова егзистенција. Токму затоа, црвите се препорачуваат и како едни од најстарите и најдобрите преработувачи на земјата.

Прегледано 9707 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija