Охридското Езеро третпат порибено со подмладок од јагула

Охридското Езеро третпат порибено со подмладок од јагула

Третпат годинава Охридското Езеро беше порибено со повеќе од 25.000 парчиња подмладок од јагула од страна на АД ЕЛЕМ.

Порибувањето почна од кај ресторанот „Ривиера“ во Струга и се вршеше на седум локации-Радожда, Калишта, Струга, Сатеска, Андон Дуков, Охрид и во најдлабокиот дел на езерото.

ЕЛЕМ, според директорот на ХЕС „Црн Дрим“ Тони Маркоски, ја продолжува традицијата која ја почна од 1965 година со порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула, поради попречувањето на патот за природен мрест на јагулата со изградба на електраните.

– АД ЕЛЕМ ја продолжува традицијата на Електростопанство за порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула од 1965 година. Со изградбата на хидроцентралите и попречувањето на природниот пат за мрест на јагулата до Саргаско море и повторното враќање во Охридското Езеро, презема обврска да дополнува со количество подмладок за да не се наруши рамнотжата на живиот свет, истакна Маркоски.

Компанијата, нагласи тој, се декларира дека секогаш ќе вложува во унапредување на животната средина и во рамки на таа декларација ја задржува обврската за порибување и ќе продолжи со исто темпо.

Изминатите пет години имаше прекин во порибувањето поради ЕУ регулативи за влез и излез на јагулата што се одрази врз фондот на јагулата, но пречките од ЕУ регулативите се надминати и годинава трипати се пушти подмладок во водите на Охридското Езеро. Со тоа, информира Маркоски, се задоволени препораките од Институтот за сточарство и Министерството за земјоделство и е надоместен недостатокот од изминатите години.

– Рибата е здрава. Набавена е од Грција, проверена е автентичноста и автохтоноста на типот, нема паразити и го помина периодот на карантин. Со надзор на ветеринарна управа и денеска се порибува во присуство на инспектори за рибарство и земјоделство од подрачната единица во Струга, истакна Маркоски.

Со ова, како што нагласи, Охридското Езеро годинава е порибено со околу 2.800 килограми или околу 90.000 парчиња млада јагула.

Следното порибување се предвидува за две години, со што ќе се продолжи праксата од минатото, кога на две години езерото се порибувало со околу 100.000 парчиња подмладок од јагула.

Прегледано 4770 пати

ПРИЈАТЕЛИ

Bistro logo           IMG 20240901 123322   pastrmka          bistroinspekcija