Глобочица, Црн Дрим и Охридско Езеро имаат доволно атрактивни видови риби за сечиј вкус.
Глобочица нема проблем со вегетацијата. Вистина е дека во минатото немало воопшто реса и факт е дека со време ќе се развијат области со бујна вегетација. Вегетацијата е дел од секој воден биосистем, тоа не е никаков проблем.
Во минатото Глобочичко Езеро, како вештачка акумулација, имало доста дрва и гранки по дното. Ова овозможувало подмладокот од секоја врста на риби да најде засолниште и да преживее. Денес овие дрва и гранки не постојат. Водата во текот на изминативе 50 и кусур години го направила своето. Денес подмладокот има потреба од други засолништа!!!
Нема потреба да одиме против природата. Запамтете, ако одиме против природата еден ден се тоа ќе ни се удри од глава.
Има доста примери за ова што го напишав погоре и нема потреба да набројуваме сега и овде. Ќе кажам само еден пример во контекс на темава. Во Струга, односно во делот на Црн Дрим што поминува во центарот на градот, секоја година се сечат ресите. Поубаво и полично било за туристите. Дури и имаше една „генијална“ иницијатива да се поплочело коритото на Црн Дрим во тој дел. Или сум глуп или не можам да разберам. Што сакаме ние? Базен или река? Ајде да не бегам од темата. Во овој дел на Црн Дрим риби нема. Некоја плашица и тоа е се. Зошто? Затоа што некои луѓе мислат дека не ни треба река туку ни треба базен. Во Струга има два базени од кои ниту еден не е во функција, ама некој решил да си игра со природата на таа микролокација и да верува дека тоа е попаметно отколку да ги оспособи постоечките два базени и на тој начин да ги придобие туристите. Па во екот на сезоната има доволно места за капење за сите туристи, а доколку се оспособат базените, кои се руинирани, сезоната ќе се продолжи и во наредните месеци и нема да трае од јули до август. Нејсе, во Црн Дрим и не се капат нешто многу туристи. Требало да биде чиста реката и да претставува атракција за туристите. Реката ќе е чиста ако не се фрла ѓубре, а не ако нема реси. Ресите се природна работа и, барем според глупав човек како мене, претставуваат неопходен „украс“ на една водена средина. Замислете каков би бил впечатокот на туристите кога би можеле да гледаат риби како пливаат помеѓу ресите во реката, а не како сега само една голема маса на вода како тече по коритото. Значи, нема реси - нема риби.
Што сакам да кажам со ова?
Нема да биде нештото атрактивно ако ја изгуби душата, ако ја изгуби автентичноста, ако не е природно.
Нашите води имаат доволно разновидни врсти на риби кои треба да ги негуваме и заштитиме. Атрактивен риболовен ревир е оној кој има доволно количински риба, а не оној кој има најразновидни видови риби. Не разговараме за аквариум. Разговараме за природа.
Доколку Црн Дрим и Глобочица, како неразделни биосистеми, ги гледаме како аквариум и пробуваме да ја поправаме природата каде што „згрешила“ ... ќе страдаат нашите поколенија. Сигурен сум во ова.
Дајте да направиме атрактивни ревири со видовите на риба што одсекогаш живееле овде. Дајте да порибуваме со автохтони видови риба. Што ќе ни фали, нас и на нашите поколенија, доколку Глобочица е богата со крап, а Црн Дрим со пастрмка. Нормално тука мора да останат и кленот, скобалот,плашицата... Зошто амур? Зарем не е доволно што го имаме карасот? И јас сакам да има смуѓ, штука, сом, и што уште не, во риболовниот ревир што ми е најблиску и да можам да ловам се и сешто, зависно од моменталното расположение. Неможе така. Секоја вода треба да има своја душа.
Глобочица може и треба да биде атрактивна за риболов на крап, јагула и пастрмка. Затоа концесионерот има обврски да порибува со овие видови риби. Мислам дека е доволно да се почитуваат одредбите во риболовната основа и се ќе биде како што треба.
Нема потреба да се носат нови видови риби, доволно е да ги заштитиме постоечките видови, да порибуваме со истите и се ќе биде како што треба.
Нема потреба од дополнителни обврски. И постоечките се доволно големи.
Ovde e se kazano so treabalo da se kazi.........