Ова е писмото кое утре ќе биде достаено до сите медиуми во земјава. Доколку имате сугестии за негово корегирање или дополнување слободно пишете. Мислам дека сите сме во шок. Никој не се надеваше на ваква одлука. Овој ден требаше да биде денот кога, најпосле, некој ќе одговара и ќе плати за сторениот помор и тоа со судска одлука. Но.....
За појаснување ова е прва пресуда. Ќе следи жалба и би требало да се произнесе и апелација.
Васил Костов
До
Телевизиските и пишаните медиуми во Република Македонија
Предмет: Обраќање до медиумите по шокантната одлука на судијката Снежана Богатиновска за неизрекување казна за сторителот на најголемиот масовен помор на риби во историјата на Република Македонија.
НЕМА КАЗНА ЗА УБИСТВО НА РИБИ
На 08.11.2012 години РИБОЛОВЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА беа сведоци на фрапантна и шокантна одлука на Основниот суд 2 во Скопје. Судијката Снежана Богатиновска, после 5 години судски спор, донесе пресуда со која го ослободи ЕВН од одговорност за причинетиот најголем помор на риби во историјата на Република Македонија, во кој беа безмилосно убиени над 40.000 килограми (40 тони) риби, од различни видови, во реките Треска и Вардар.
Судијката Снежана Богатиновска, видно вознемирена од присуството на поголем број риболовци во судницата, не најде ниту за сходно да ја образложи својата фрапантна одлука. Едноставно изјави дека пресудата ќе ја достави до тужителите во писмена форма. Одредено штуро образложение даде по инсистирање на претседателот на Македонската Риболовна Федерација, проф. д-р Васил Костов, без присуство на медиумите и присутните риболовци.
Одлуката на судијката е запрепастувачка и чудна од причини што таа објасни дека не го оспорува делото, ниту ја оспорува проценката, туку едноставно го ослободува сторителот од одговорност и од обврска да плати за причинетото дело. За судот е неспорно дека имало помор на над 40 тони риба. Исто така за судот не е спорна ниту проценката на направената штета, (направена од страна на судските вештаци), во висина од приближно 50.000 евра. За судот е спорна само наплатата, односно казната. Имено, иако во судската постапка беше докажано дека ЕВН со испуштањето на темелниот испуст на акумулацијата Матка, во 2007 година, предизвика страотен помор на рибите во реките Треска и Вардар нема потреба да биде казнет за поморот. Судијката го ослободи ЕВН од обврската да плати за причинетиот помор.
Сметаме дека со ваквата одлука судијката Снежана Богатиновска даде јасна порака до сите убијци на рибите во земјата дека слободно можат да продолжат да ги убиваат рибите, без страв дека за тоа ќе бидат казнети или ќе платат за сторената штета.
На крајот Во името на 20.000 риболовци во Македонија прашуваме:
ДО КОГА СУДОТ ЌЕ ГИ ШТИТИ УБИЈЦИТЕ НА РИБИТЕ ВО ЗЕМЈАВА???
КОИ СЕ МОТИВИТЕ И ПРИЧИНИТЕ ДА ИМ СЕ ПРОГЛЕДУВА НИЗ ПРСТИ И ДА ИМ СЕ ПРОСТУВА НА УБИЈЦИТЕ – ПРИЧИНИТЕЛИТЕ НА ПОМОРИ НА РИБИТЕ?
Македонска Риболовна Федерација,
во името на рекреативните риболовци во Република Македонија.
|