ИСТЕКУВА ВАЖНОСТА НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА РЕКРЕАТИВЕН РИБОЛОВ
Рибокрадците ќе царуваат по езерата?
Нов оглас за концесии нема, па риболовците стравуваат дека во ваква состојба, која ќе доведе до немање концесионери, ќе настрада рибниот фонд
Водите во Македонија со истекувањето на концесиите за спортски риболов остануваат незаштитени. Спортските риболовци предупредуваат дека најголеми штети ќе претрпи рибниот фонд. Од риболовните друштва велат дека на крајот од овој месец истекуваат концесиите за користење на рибниот фонд за рекреативен риболов на сите реки и акумулации во Република Македонија. А нов оглас за концесии нема, па риболовците стравуваат дека во ваква состојба, која ќе доведе до немање концесионери, ќе настрада рибниот фонд.
- Според Законот за рибарство и аквакултура на риболовните води на кои нема концесионер, забранет е секаков вид риболов, а тоа значи дека од први следниот месец ќе биде забранет риболов на сите води во земјава. До денеска не е објавен конкурс за доделување нови концесии, постапка која трае неколку месеци. Тоа значи дека риволовните води ќе бидат забранети подолг период - вели Радован Димитриески, претседател на спортско-риболовниот клуб Свети апостол Петар" од Охрид.
Ваквата состојба без концесионери риболовните води треба да ги заштитува и чува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оттаму во писмено обраќање кратко ни одговорија дека издавањето на концесиите за стопански и за рекреативен риболов ќе следи по измените на Законот за рибарство и аквакултура. - Измените од страна на Министерството за земјоделство се направени и треба да влезат во процедура за нивно донесување - се вели во дописот во кој нема одговор за тоа како ќе се заштитуваат водите во услови кога нема концесионер и дали целосната забрана за риболов, а со тоа и повлекувањето на рибочуварите од страна на концесионерите, се остава простор на рибокрадците да извршат атак врз рибниот фонд.
Спортските риболовци предупредуваат на опасноста од рибокрадците.
- Гледаме што се случува со Охридското Езеро и со другите акумулации затоа што нема доволно рибочувари. Сега концесионерите ќе ги повлечат своите рибочувари и рибата ќе биде оставена на милост и немилост на рибокрадците - вели Димитриески.
Од СРК Свети апостол Петар" велат дека Министерството немало слух за нивните барања концесиите да се продолжат навремено до доделување на нови концесии, се со цел заштита на рибниот фонд. Ваквиот, како што вели Димитриески, непромислен потег на надлежните ќе доведе до целосно уништување на рибниот фонд, но и на риболовните друштва. Рибарите најавија рибарски бунт.
- Останува да се договорат риболовните друштва на кој начин ќе го изразат своето незадоволство, но жално е да биде забранет рекреативниот риболов поради негрижата на некој кој не си ја извршува својата обврска - обвинува Димитриески.