http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=BCF9E ... 4DDB95784D
Датум: 15.03.2012, 16:20
РАСПИШАН KОНKУРС ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ KОНЦЕСИЈА ЗА РИБОЛОВ
И странци ќе може да бидат стопани на Охридското Езеро
Изминативе седум години Охридското Езеро немаше стопански концесионер, а ендемските видови пастрмка беа целосно забранети за излов
Македонски, но и странски правни лица ќе може да добијат концесија за стопански риболов на Охридското Eзеро и легално да изловуваат пастрмка и белвица. Според деталите од јавниот конкурс, кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави деновиве, концесијата се нуди за период од шест години, а висината на надоместокот за стопанисување ќе изнесува над 200 илјади евра.
Право на учество на конкурсот имаат правни лица регистрирани за дејност рибарство, со најмалку едно вработено лице со високо образование од областа на природните науки (рибарство) или склучен договор за соработка со научна или образовна установа од областа на рибарството. Апликантите треба да располагаат и со минимум опрема која е потребна за вршење риболов и кое е утврдена во Риболовната основа за Охридското Езеро. Kонкурсот ќе биде отворен до првата недела од мај.
Изминатите седум години Охридското Езеро немаше стопански концесионер, а ендемските видови пастрмка беа целосно забранети за излов. Според најавите на хидробиолозите, кои ја изготвија Риболовната основа за езерото, за почеток на концесијата, дозволената квота на излов на овие риби ќе биде 5.000 килограми на годишно ниво. Тие објаснуваат дека доколку во наредните 6 години се покаже дека популацијата на риба е заздравена и повратена, квотите може да претрпат и измени.
Освен за Охридското, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на јавен конкурс бара стопански концесионер и за Преспанското и Дојранското Езеро како и за вештачкото езеро Шпилје. (Е.М.)
#