еве го исходот
Пренесува Курир
Во Битола запленети 760 килограми риба
Државниот инспекторат за земјоделство по извршените контроли кај повеќе трговски фирми во Битола, Ресен и Прилеп констатирал низа неправилности и запленил 760 килограми риба.
На денешната средба со новинарите во Битола, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов посочи дека и покрај забраната за риболов многу трговци истата не ја почитуваат и поради тоа засилени се контролите во трговската мрежа низ државата.
- Во тек е акција за откривање на нелегалните продавачи на риба. Само во овие три денови, по спроведените контроли во Битола, Прилеп и Ресен одземени се 760 килограми риба, главно со незаконски риболов на Преспанското Езеро. Рибата е одзмена од фирми во трговската мрежа, но со помош на Македонската риболовна федерација и Министерството за внатрешни работи, ќе се гонат и рибокрадците кои најчесто во ноќните часови се одлучуваат на риболов дури и со експлозив, истакна Стаменов.
Државниот инспекторат за земјоделство најави дека контроли ќе се вршат и во угостителските објекти кои имаат обврска да набавуваат риба со легални документи. Во изминатите денови инспекторатот изрекол повеќе казнени мерки, а има и 7 поднесоци за кривична одговорност, беше истакнато на денешната прес-конференција.