Оваа мини репортажа ја посветувам на сите учесници, а најмногу на претседателот Сашо. Со своите ентузијазам, иницијатива и желба мислам дека му нема рамен. На негова иницијатива, а наша желба се склопи екипата, претседателот, Срѓан, началникот Нено, Пеце и јас. Одиме на море, да ги најдеме бранцините (лавраците) и да им се реваншираме за сите претходни (не)успеси. Ден - недела. Според временската прогноза, знаевме што не очекува. Дожд, некој променлив ветар, но претежно дожд. Иако временските услови не беа соодветни за да направам повеќе фотографии, па и некое видео (врнеше речиси цел ден), ете успеав на неколку пати да го вклучам апаратот и да ја споделам морската убавина преку сликите. На само доаѓање на докот кој што беше планиран за ловење, Пеце на прво фрлање имаше фантастичен удар и риба на трска! Андреналинот ни се крена 200 % ! Наравоучение, пред да почнете да фрлате, секогаш имајте спремно кепче во близина. За жал, нашето беше во кола, далеку од случувањето. Додека да стигнам до Пеце, само што почнав да се спуштам кон карпите каде што беше, рибата се откачи и не поздрави со опашката среќно враќајќи се во морето, на наша (не)среќа. Супер почеток, но кратко време по овој вовед во денот, Сашо сигнализираше дека има риба на трската. Овој пат стигнав на време, таман за да ја (при)фатам со раце рибата. Мераци, бранцин/лаврак, си помислив дека ете, сега ќе ги растуриме рибите. На радоста и немаше крај. Кој си знае, си фаќа, вели претседателот насмеан. Продолжуваме понатаму. После некое време, играјќи се со една зара што ја имам земено од претседателот, вежбајќи ја walk the dog техниката на водење на мамецот, забележав како се прават малку поинакви бранчиња зад мамецот и во истиот момент видов само како се преврте рибата, белината на стомакот и бам! Удар и ја имам рибата на трска! Но за жал, дали заради трокуките ( беа нагризани од солта), дали заради моето (не)знаење како да удрам контра со добар тајминг, рибата по 5-6 секунди се откачи. Ете, тоа беше она што не "возеше" цел ден на дождот, она што ни ја подгреваше надежта дека ете баш сега ќе удри некој монструм и ќе имаме приказна за внуци да ја раскажуваме. Но, ете, тоа беа главните возбудувања тој ден, покрај дневнополитичките случувања кои ја тресат земјава, нас не тресеше морска риболовна треска
Се на се, денот беше убаво поминат и покрај временските услови постојано се смеевме и шегувавме и насмеани и се вративме кон дома. Посакувам секогаш вака да се дружиме, со повеќе улов и со добро расположение. Бистро!
П.С. Се извинувам за рибата, од толкаво море не стигнав да ја измијам