Вардар е максимално загаден, водата не е за никаква употреба
Водата во реката Вардар е максимално загадена и хемиски и микробиолошки, покажуваат резултатите од последните мерења, завршени на 20 август од екипи на Институтот за јавно здравје - Скопје. Kвалитетот на водата во целиот речен тек е хемиски и бактериолошки од четврта или петта категорија. Доктор Љупчо Kостадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во ИЈЗ во Скопје, вели дека бактериолошки максималната категорија на загаденост е четврта, а хемиски петта, а нашата најголема река овие критериуми ги исполнува речиси по целиот нејзин тек во Скопје - особено е загадена кај Kамениот, односно мостот „Гоце Делчев“, кај ОХИС и во Трубарево каде што реката ја прима непрочистена содржината на фекалната канализација.
Останатите три реки во градот и околината, Треска, Лепенец и Пчиња, исто така се загадени со квалитет од четврта категорија, освен дел од Треска, веднаш по браната на Матка, каде што водата е од висока прва категорија и со мала преработка може да се пие.
- Ова лето квалитетот на водите во реките беше многу лош поради нискиот водостој и малата количина вода во коритата. Со дождовите коритата се полнат, но во квалитетот на водата нема значителни подобрувања. Речните води со вакви лабораториски резултати не смеат да се користат за ништо. Не се за капење, ниту за полевање земјоделски култури, ниту за напојување стока, ниту за риболов. Поради ниската содржина на кислород и високата загаденост, можно е да имаме и помори на риби - вели д-р Kостадиновски.
Тој вели дека во водите има колоформни бактерии, ешерихија коли и други и тоа во големи колонии. Хемиското загадување е од индустријата, водата е со зголемена матност и со зголемени концентрации на нитрати. Оние што се капат во вакви води ризикуваат да добијат кожни заболувања.
Тој објаснува дека Вардар во Скопје влегува со квалитет од трета, во градот добива карактеристики како за четврта категорија, а на излезот хемискиот квалитет е од петта категорија. Лепенец од Kосово влегува многу загаден, со вода од четврта категорија и во Вардар се влева како вода од четврта категорија.
Институтот годишно во повеќе наврати прави 130 анализи на квалитетот на површинските води и резултатите ги испраќа до петте надлежните институции - министерствата за животна средина, за здравство, за земјоделство, во Агенцијата за храна и во Градот Скопје.
- Никогаш немаме повратен одговор. Ние како Институт констатираме дека се максимално загадени реките и така е со години. Но, кај надлежните нема акција за проблемот да се реши, нема контрола кој и како загадува, со години немало заеднички состанок на одговорните институции за да се види што да направиме за да добиеме почисти реки. Излегува дека ние трошиме средства што ни ги дава Министерството за здравство и правиме анализи само за да констатираме дека состојбата не чини, а потоа ги забораваме резултатите како да не се важни. Треба работата, кога ќе се почне, да се заврши до крајот. Ако нешто е нечисто, да се исчисти - вели д-р Kостадиновски.
Тој вели дека решението е во изградба на пречистителни станици за отпадни фекални и индустриски води и во зајакнување на свеста кај сите.
- Ние сме многу разгалени и неодговорни кога се водите во прашање. Знаете, во руралните делови луѓето мршите од пцовисаните животни ги фрлаат во река, фрлаат смет. Во делот кај Општина Сарај има туларници, од чија работа страда реката. Индустриите не ги пречистуваат водите. Атмосферска канализација нема во целиот град. Нашето неодговорно однесување може многу да н` чини. Не сакам да помислам какви води ќе ни се излеат ако, не дај боже, ни се случат српските и хрватските дождови - вели нашиот соговорник _________________ Животот е досадното време помеѓу два риболовни излета...
|