Датум: 25.12.2013, 16:36
ИИЦИЈАТИВА ЗА ПОТТИKНУВАЊЕ НА ЕЛЕKТРОНСKАТА ТРГОВИЈА
Интернет-шопингот до 150 евра ќе се ослободи од царина
Граѓаните што купуваат преку интернет ќе може да нарачуваат од странство производи со вредност од 150 евра без да платат царина. Агенцијата за пошти поднесе иницијатива за тројно зголемување на сумата до која нарачаните предмети од странство се ослободени од царина. Во моментов за пратките со вкупна вредност до 45 евра, во која се вклучени и транспортните трошоци, не се плаќа царина. Доколку се усвои иницијативата, од царина ќе бидат ослободени пратките со вкупна вредност до 150 евра.
Од Агенцијата за пошти објаснуваат дека за да стапат измените во сила, не треба да се носат измени во законските решенија, туку доволно е да се направи корекција во уредбата што ја носи Владата на предлог на Министерството за финансии. Со зголемувањето на лимитот, сметаат во Агенцијата, ќе се поттикне онлајн-трговијата, но и развојот на поштенскиот сектор во земјава.
- Износот од 45 евра е решение старо повеќе години. Во денешни услови не само што не одговара на современите економски односи туку и споредбено гледано земјите од регионот, како Србија и Хрватска, уште минатата година ги зголемија лимитите на вредност за ослободување од плаќање увозни давачки на 70, односно на 150 евра. Од овие причини сметаме дека за македонските граѓани е особено важно дали нивното купување за лични потреби преку интернет ќе биде непотребно обременето со дополнителни давачки при увозот - велат од Агенцијата за пошти.
Сепак, неизвесно е дали и кога ќе се направи промена во регулативата, со оглед на тоа дека оваа иницијатива с` уште официјално не стасала до Министерството за финансии. Информации за неа немаат ни во Царинската управа.
Граѓаните што купуваат преку интернет сметаат дека со зголемувањето на сумата до која се ослободуваат од царина дефинитивно ќе се зголеми обемот на шопинг преку интернет. Овој вид трговија кај нас станува с` популарен последниве години, при што граѓаните најчесто купуваат облека, чевли, спортска опрема, техника, играчки.
- Најчесто преку интернет нарачувам облека, особено онаа што ја нема кај нас. Дури и да ја има, на интернет ја наоѓам многу поевтино, особено кога е на попуст. Внимавам тоа што го купувам да чини најмногу 45 евра и да не се плаќа испорака за да не морам да платам царина. Ако сакам да нарачам повеќе парчиња, кои чинат над 45 евра, не ги нарачувам заедно, туку секое посебно. Има две-три интернет-страници од кои редовно нарачувам и досега не се случило нешто да не стигне или да ме измамат. Речиси сите мои пријатели пазарат онлајн - вели скопјанката Сања Апостоловска.
За разлика од пратките пратени по пошта, граѓаните што од странство купуваат стока и лично ја внесуваат во земјава не плаќаат царина доколку вредноста на купените предмети не надминува 350 евра. Ваквото решение, сметаат во Агенцијата за пошти, ги дискриминира корисниците на поштенски услуги во однос на патниците.
- Ова решение го дестимулира купувањето на далечина, а консеквентно ги погодува и поштенските оператори. Тоа е бариера која не е во функција на заштита на домашната економија, туку директно го стимулира шопинг-туризмот. Од друга страна, остануваат обесправени група граѓани, кои од различни причини не можат или едноставно не сакаат да патуваат преку граница, но заинтересирани се за купување во странство преку интернет - велат во Агенцијата.
Даница Тунтевска-ВуЈовиЌ
Британците први во онлајн-пазарење
Повеќе од половина жители на Европа, односно 60 отсто од луѓето што имаат пристап до интернет, купуваат онлајн, покажуваат податоците на Евростат.
Виртуелно најмногу пазарат Британците, односно 82 отсто од нив, по што следуваат Данците, Швеѓаните, Германците и Финците. Најмалку онлајн-купувачи има во Романија, Бугарија, Естонија и во Италија. Анкетата на Евростат покажала дека жителите на Велика Британија преку интернет најчесто нарачуваат облека и храна. Швеѓаните најмногу резервираат патувања, а жителите на Луксембург порачуваат книги.
За нарачка до 22 евра не се плаќа ни ДДВ
Македонските граѓани што ќе нарачаат стока преку интернет во вредност до 22 евра не плаќаат ниту царина ниту ДДВ. Од 22 до 45 евра нарачателот треба да плати само 18 отсто ДДВ, а над оваа сума се плаќаат и двете давачки. _________________ Животот е досадното време помеѓу два риболовни излета...
|