Рекапитулација.
Стартувавме со невиден ентузијазам, пропаганда и позитивна клима. Резултатите се видоа пред почетокот на Лигата. 16 екипи, број кој и во најдобрите денови е за завидување. Во тој дел успешноста би ја оценил како максимална.
Мислам дека за одржување на истата мобилност и расположение ќе влијаат 2 основни работи. Прво СП во Португалија и второ (можеби и поважно) колку е можна ефикасна акција за досредување на езерото.
Од одењето во
Португалија ќе зависи многу. И масовноста и квалитетот и заживувањето. Репрезентацијата е во добар состав и со добра координација остануваат прибирањето на што повеќе информациии за ревирот, тактиките и сл. Голема придобивка е што во составот е Ицо. Со две учества во Португалија носи со себе познавање на многу елементи потребни за успешен настап. Јас би се крстел во него. Останатите две екипи (Карпологија и Лапласт) иако се поголеми виртуози за блиско и ловење на полудистанца, со добра опременост, опрема и кондиција, би можеле да изненадат многу позвучни имиња. Со еден збор, спој на искуство и добро изграден ентузијазам, тактика и верба, може да се постигне успех кој сите ќе не израдува.
Езерото како втор фактор, во рамките на реалноста во која живееме, би го оценил на следниот начин: Најдоброто кое моментно го имаме за вакви потреби. Иако, по мене со уште 1 тон убави примероци би скокнал за 100% од сегашната состојба, можеме да заклучиме дека риба има, во рамките на потребното за да не го доживееме она што оваа година го доживееја комшиите во Србија. Многу поуспешна лига се надзира со овој еден тон, каде што сите би оделе на улов поголем од 50 кгр по коло. НАЈГОЛЕМИОТ проблем или пречка, како сакате се сепак тревите. Повторувам не од аспект на успешна реализација на улови, на бодови и сл. Од аспект на СОЧУВУВАЊЕ НА КОНДИЦИЈАТА И ЗДРАВЈЕТО НА РИБИТЕ. Не ни оди во прилог големиот број откачувања но и оние кои беа реализирани беа повредувани повеќе отколку во нормални околности. Значи, најголем проблем се ТРЕВИТЕ како основна причина за повредување на рибите. Ние пак ќе пецаме на езерото. Но замислете да се тргне барем онаа трева пред брегот и барем првите редови од големата трева. Со добра акција (за која се сомневам дека ќе се реализира) може да се добие многу поефикасен ревир во поглед на реализирани удари и поголем вкупен улов. Тоа само ќе стимулира за понатаму и ќе не оддалечи од амбициите да размислуваме за што појаки стапови, поиздржливи плетеници и конци во борбата со тревите. Кога нивото е најниско, најповолно е да се реализира оваа акција. За да биде така, пожелно е МРФ да направи притисок за конечно доделување на таа долго очекувана концесија.
Она што е поизводливо и решава уште еден битен сплет од проблеми е пристапот кон позициите од 9-ка до 16-ка. Правењето пристапен пат до овие позиции, физичка комуникација помеѓу нив и елиминирањето на користење на чамци далеку ќе ја олесни секоја понатамошна организација на натпревари. Пробивање на поширок пат и за автомобили до овие позиции, не е градење на вавилонска кула. Се решава со еден багер, една цевка за доводот од рекичката и правење мост преку кој ќе можат и автомобили. Багерот би ја средил и патеката до боксовите и приодот кон нив. Со ова се елиминира гужвата на 8-ца, 7-ца, па и 6-ка пред почетокот на секој натпревар.
Уште еднаш честитки за Лапласт, Карпологија, Бабуна и Барбус и бистро во Португалија.
На Бест карп тим и Лавови им посакувам успешен настап на Балканското првенство.
Се на се повеќе од успешен почеток. Само да продолжи.