Ете, дојде денот и јас да напишам некој ред, да споделам убави моменти поврзани со риболовот.Мојата прва репортажа.
Желбата да се излезе на вода беше огромна (плус поттикната од секојдневното читање на Форумот Рибар
) , требаше малку повеќе убедување за остатокот од екипата - следните изговори "ќе врне бе, ладно е, ќе измрзнеме, нема да даде, не јаде, единствени слепци ќе бидеме, бла бла бла..." не придонесоа да се одлучиме за сабота, знаејќи дека и останатите уживаат со еднаква страст во риболовот. Локација: Гогомонд, време на тргнување :сабота, 06:30 часот.
Спремни од претходната вечер, секој со по 2 трски,( сега за сега на тапи, но се надеваме на вистински крапски трски во скоро време), пченка-шеќерац и шеги ставени во ракав, по кратка пауза на бензинска за купување цигари и вода, се упативме кон Славишко Поле. Времето беше променливо, се гледаше снег во далечините, и како минувавме по патот, се забележуваа траги од нов снег. Потајно во себе се надевавме дека нема да врне снег, дека ќе се услишат нашите молитви за убаво време, дека ќе фатиме риба,дека...секој во себе со своите желби за успешен риболов. Кога стигнавме кај Страцин почна да вее снег што секако, се надевавме дека ќе го избегнеме. Некаде околу 08 часот пристигнавме на локацијата, езерото не беше замрзнато, и сите се "разбудивме" од патувањето, време е да се работи, да се извади опремата, да се намести и сл. Но, вратата од езерцето беше заклучена. Што да се прави? Немавме телефон од Моме...па по кратка дискусија, решивме да се прекачиме преку оградата. Ќе дојде газдата наскоро, си рековме, а нас не ни се чека...желни за риболов се сместивме на вообичаената позиција, ги отворивме трските, ставивме мамци, и почнавме да зафрламе. Малку крмење со пченка, и уживањето започна. Немаше никаква видлива активност на рибата во тоа време, но затоа имаше 2-3 диви патки кои си пловеа низ езерото и си играа во водата. По 15 минути, почна да паѓа снег, полека,полека, целиот предел околу езерото побели, и во тие моменти навистина беше убаво да си таму. Вистинско уживање во Природата,мирот и тишината. Ете неколку фотографии од езерцето во тие моменти...
Имаше многу смеење меѓу нас, шеги, закачки, мајтапи, и времето се смени. Престана да врне снег, и полека,полека почна да се разведрува. Дувкаше слаб ветар, и рибата почна да се јавува. Распоредени во линија, прво почна да удира кај едниот другар, па кај мене, па кај третиот...почнаа да се помрднуваат тапите.
И бам, првата риба кај Петар! Мало крапче, кое ја проголтало јадицата до стомак. Тихо помогна за да се извади безбедно и без повреди. Дојде и газда Моме, па по кратко советување, реши да си го земе крапчето. За жал, јадицата беше отидена длабоко во стомакот, а немавме клешти за да пробаме да ја извадиме.
По кратко време, следуваше и удар кај мене, и тоа од прва! Само што зафрлив со нов мамец, ја повлече тапата, брза контра и ете го резултатот. Мало крапче, кое се разбира, беше пуштено веднаш по фотографирањето. Меракот беше голем, а исто така и шегите беа присутни меѓу нас
Се мајтапевме кој е поголем рибар, малку меѓусебно зафркавање и атмосферата беше одлична
По некое време ударите затаија, па се поделивме, еден остана да стражари крај трските, а останатите се префрливме во ресторанот на по една ракија, доручек, муабет.
Се вративме по извесно време, фрлавме уште, но за жал немаше удари. На крајот, се спакувавме, и среќни и весели тргнавме на пат кон Скопје. На шегувањето и мајтапењето му немаше крај и тука дојде крајот на оваа наша дружба. Бистро!