Концесионерите со најголеми проблеми во своето работење се соочуваат кога е во прашање заштитата на рибниот фонд.
Како главен фактор за развој на рибокрадството можам да ја издвојам невработеноста во РМ. Но, проблемот со невработеноста не сме во можност ние како риболовци, или како концесионери, да го решиме. Од друга страна истата таа невработеност продуцира и сиромашни концесионери.
Но, што е тука е. Мора да се мисли со тоа што се има да се постигне максимумот.
Кои се другите фактори кои влијаат на успешната заштита на рибниот фонд? Кои се работите што сме во можност ние како риболовци, како концесионери да ги менуваме и да ги насочиме во интерес на заштитата на рибниот фонд?
Еве јас ќе се осврнам со моја анализа на два проблеми, а во исто време ќе пробам барем да се приближам до решението на истите.
неинформираност на граѓанинот од потребата да се заштитат водите и рибите во нив
Многу често се наоѓам во ситуации кога случајни минувачи ги храбрат рибокрадци во нивниот криволов. Обични луѓе, кои со ништо не се поврзани со риболовот, ги известуваат рибокрадците дека доаѓа контрола. Ова е нешто што најмногу ме боли од причина што свеста на луѓето не е развиена до потребното ниво со што би сватиле дека тој некој прави прекршок. Тој некој, дирекно или индирекно, му прави штета и него и на сите нас. Како размислуваат овие луѓе? Овие луѓе мислат дека не е никаква штета доколку некој улови риба, па макар тоа било и со мрежа, па нека биде и еден тон... Природата ќе надомести, си велат.
Пред повеќе години во разговор со еден рибокрадец од една негова реченица научив многу кога е во прашање нивното размислување. На прашањето: како не му е жал да лови клен во мрест со пуштање на огромна мрежа со која ја загради цела обала и улови можеби еден тон риба, ми одговори: „Борба за живот. Некој има овци и од тоа живее, а ние имаме мрежи и од нив живееме.“ Се прашувам како можеше да ја направи оваа споредба? Дали мисли дека рибите од езерото се негови само затоа што тој живее покрај езеро или пак мисли дека езерото е непресушен извор на риби? Или пак работава е „после мене - потоп“?
Овај пример е илустрација и на размислувањето на обичниот човек. Вака размислуваат и луѓето што немат никаква допирна точка со риболовот, луѓе што сакаат да видат риба само во чинија.
Има многу примери да се набројуваат, но не ми е тоа целта. Уште накратко сакам да кажам дека имам затекнато мајка со дете од 9-10 години, каде што детето со трокука лови риба, а мајката ги чува рибите и воопшто не е свесна дека нејзиниот малолетен син прави прекршок.
Би прашал зошто ова се случува?
Мое лично мислење е дека коренот на овој проблем е неинформираноста на граѓаните.
Решение? За подобрување на ситуацијата во заштитата на рибниот фонд е неопходна агресивна медиумска кампања. Медиумска подршка на концесионерите во борбата со рибокрадците и акциите за порибување. Константна и агресивна медиумска кампања каде ќе се објавува секое едно порибување, секоја акција за спречување на рибокрадство, еколошки акции и сл. Секогаш кога е можно треба да се испрати порака до обичниот граѓанин дека заштитата на рибниот фонд е јавен, а не личен интерес. Што повеќе се слуша за заштита на рибниот фонд, подобра ќе биде заштитата. Се надевам дека и мајките ќе почнат да ги караат децата доколку почнат да носат дома недозволен риболовен алат, наместо да им помагаат при криволовот. Замислете колку би се смениле работите доколку, после агресивна медиумска кампања, луѓето сватат дека рибокрадството е сериозен криминал? Замислете колку би било од помош кога барем половина од луѓето што забележале рибокрадство пријавуваат кај концесионерите, ДИЗ или МВР. Да направам една груба споредба. Секој што ќе забележи уништување, на пример, на некој парк или споменик, одма ќе реагира и ќе пријави во полиција. Зошто во моментов ова не е случај со рибокрадците? Еден од 100 луѓе што забележале криволов можеби ќе се сети дека тоа е кривично дело и ќе ги извести институциите, и пак ќе нагласам, можеби !!! Другите 99 ќе му помогнат да не биде фатен. Која иронија.
Од досегашно мое скромно искуство, убеден сум дека ова ќе биде тешка задача и дека медиумите нема да трчаат по концесионерите и да бараат информација од нив. Треба концесионерите да трчаат по медиумите. Дури и во ваква ситуација, кога концесионерите молат за медиумска покриеност, е тешко да се пласира некоја вест во националните телевизиски куќи. Како би го решиле овој проблем? Можеби МРФ треба да се заангажира повеќе околу ова прашање преку комисијата за информирање? Можеби концесионерите треба да се малку понастојчиви? Како и да е, локалните медиуми објавуваат вакви информации, а во иднина ќе мора да се направи стратегија како да се биде интересен и за поголемите медиуми. Големите медиуми ќе бидат присутни кога на тие настани би присуствувале или би дале изјава некои „поголеми“ личности, на пример политичари, директори, претставници на федерацијата, претставници на Државните институции и т.н. Мора да се даде тежина на настаните, другото ќе си дојде само по себе.
Како позитивен пример за големото значење на медиумите ќе го спомнам сајтот
http://www.ribar.com.mk , од каде произлезе здружението ЗРСРК РИБАР 2011 и од каде што произлегуваат повеќе иницијативи и идеи со што се придвижуваат многу работи поврзани со риболовот. Но во овој случај се едуцираат исклучиво риболовците, а не сите граѓани. Значи треба и други медиуми. И тој што не сака да слушне, да мора да слушне.
(не)соработката помеѓу концесионерите
Концесионерите мора да имаат рибочувари. Рибочуварите мора да се опремени со неопходната опрема, доколку сакаме да бидат ефикасни. Но, дали ефикасноста ќе се зголеми доколку концесионерите соработуваат меѓусебно? Несомнено дека повеќекратно ќе се зголеми ефикасноста на рибочуварските служби, но како да ги убедиме концесионерите дека треба да соработуваат? Кој е тој што може да влијае на концесионерите и да ги натера да соработуваат? МРФ преку комисијата за заштита на рибниот фонд, можеби?
Или можеби е најдобро да се направи регионален сојуз на здруженија? Малку се тие што со дело сакаат да придонесат за заштита на рибниот фонд и мора да се здружaт за да бидат поефикасни. Требаат дела, а не зборови. Резултатот ќе биде видлив кога сите ќе ги ставиме проблемите на маса и кога заеднички ќе одиме чекор по чекор кон решавање на проблемите. Не може уште утре да почнат да цветаат рози. Треба да помине време. Ова треба да ни е јасно. Но, треба секој ден да биде подобар од изминатиот. Во тој случај времето сме го искористиме за изнаоѓање на решение за проблемите, паметно сме го инвестирале.
Кога веќе спомнав сојуз на здруженија. Мислам дека таквиот сојуз би бил од голема корист на помалите здруженија. Помалите здруженија организирани во таков сојуз би биле посилни во заштитата на рибниот фонд, поатрактивни за медиумите и повлијателен во МРФ со што многу полесно би влијаеле при носење на одлуки, а со тоа би ги оствариле своите интереси.
Ова се само некои анализи, на некои идеи, за решавање на некои проблеми.
Се додека нема ништо на дело ова ќе остане само како некои зборови напишани од некој Емил.