Пред неколку дена од страна на Апелациониот суд од Битола е решен еден интересен случај за рибокрадство, па би сакал да го споделам со вас.
Како прво, за да се види што е интересното еве ја Службената белешка за настанот:
На ден 11.06.2013 година, во периодот од 17.00 – 22.30 часот се изврши рибочуварска контрола на река Црн Дрим на потегот од Хотел Дрим до с. Ташмаруништа. Контролата беше спроведена од страна на Танче Гавриловски - лиценциран рибочувар на ЗРСК Пастрмка – Струга и овластен за заштита на „риболовен ревир река Црн Дрим 1“, Емил Матовски - одговорно лице на ЗРСК Пастрмка- Струга - концесионер на споменатиот риболовен ревир и Јован Бојчовски – Државен инспектор за земјоделие од областа на рибарството и аквакултурата. За време на контролата беа исконтролирани повеќе риболовци.Се контролираа дозволи, риболовен прибор и дозволени количини и големини на уловена риба.
Во 18.50 часот беше извршена контрола на локацијата каде што се влева Вевчанска река во Црн Дрим. На самото место беа забележани повеќе лица како стојат покрај реката, од кои еден од нив со име ХХХХХХХХ со облечени рибарски чизми. Забележаните лица во рацете немаа никаков риболовен алат. Бидеќи таквата ситуација беше сомнителна, Танче Гавриловски и Емил Матовски преминаа во пребарување на локацијата со цел да се пронајде евентуален риболовен прибор. За кратко време во едно возило паркирано до самата река е забележана мрежа-сертме која беше поставена измеѓу совозачкото и задното седиште од возилото ROVER со регистарски таблици ХХХХХХХ. Веднаш беше известен инспекторот Јован Бојчовски и беше добиена наредба да се фотографира возилото заедно со регистарската табличка и мрежата во него, а во меѓувреме од негова страна беше повикана полиција од ПС Велешта за да изврши претрес на возилото и да ги идентификува сопствениците на забранетиот риболовен алат.
За да не дозволиме да заминат сопствениците на возилото, рибочуварот Танче Гавриловски го паркира сопственото возило на излезот од самиот пат. Веднаш потоа кај посоченото возило се појавија три лица, од кои едниот беше ХХХХХХХХХ, ја отворија колата, ја зеде мрежата од возилото и бидеќи беше опремен со високи чизми замина преку реката заедно со мрежата. Двете непознати лица со колата се упатија кон асфалтниот пат каде што налетаа на возилото од рибочуварот Танче Гавриловски, но сепак успеаа да избегаат поминуваќи низ една ливада. Откако двете непознати лица кои го управуваа возилото излегоа на асфалтниот пат, се упатија во една уличка која водеше кон внатрешноста на селото Добовјани, во истиот правец каде што избега ХХХХХХХХХХ. За кратко време истото возило се врати назад заедно со ХХХХХХХХХХХ и избегаа со голема брзина во правец кон с. Татеши.
Некоја минута подоцна на лице место пристигна полицијата, но не затекна никој од лицата што поседуваа недозволен риболовен алат. Полицајците земаа податоци од присутните и заминаа.
Додека се случуваше овој настан на самото место имаше и неколку риболовци од Битола и можеби некој од нив е член и на форумот, па ќе се сети за случката.
Овој предмет беше процесиран во Основниот суд во Струга, каде обвинетиот доби пресуда ВИНОВЕН со изречена казна ОПОМЕНА ?????
Инспекторот Јован Бојчовски поднесе жалба до Апелационен суд во Битола, од каде добивме преиначување на пресудата и рибокрадецот ќе треба да си плати 666 евра казна.
Овој предмет според мене е доста интересен затоа што успеавме да се избориме за правда во многу тешка ситуација, односно во ситуација кога рибокрадецот успешно го сокрива приборот, ние немаме матерјални докази, но со помош на сведоци кои ќе се појават да сведочат пред Судот може да се постигне успех и да се казни сторителот за нешто што е очигледно прекршување на Законот.
Во моментов сеуште немаме одговор од Апелационен суд во Битола за сопственикот на возилото, кој исто така си доби пријава, а во Основен Суд во Струга доби ослободителна пресуда изјавуваќи дека тој не го управувал возилото во критичниот ден, но во исто време не знаел кој точно го управувал. Се надеваме дека во Битола ќе добиеме и за овој случај за нас позитивен одговор.