Риболов со блинкер на влечење во Охридско Езеро ...
Ова е нешто што се чека 8 години во Охрид и Струга.
Ова е нешто што дава друга димензија на животот во Охрид и Струга.
Риболовот со блинкер на влечење во Охридско Езеро е една долгогодишна традиција за Охрид и Струга. Овој начин на риболов е нешто сосема поинакво од се друго што е поврзано со риболовот. Можеби некој ќе каже дека е неатрактивен и повеќе наликува на стопански риболов, но мислам дека тие муабети можат на дојдат од луѓе кои не го искусиле задоволството од овој начин на риболов, односно од луѓе кои не потекнуваат од охридско-струшкиот крај. Можеби пак задоволството од овој риболов можат да го осетат само мештаните, можеби риболовците од другите градови не можат целосно да го изживеат ваквиот начин на риболов, затоа што ова и не е само риболов, ова е дел од животот во овој крај, ова е начин на живот во Охрид и Струга.
Мојата репортажа за мојот прв, после 8 години, риболов со блинкер на влечење ќе ја започнам од самиот почеток, од вторникот 04.09.2012 - денот кога дефинитивно разбрав дека на 08.09.2012 (сабота) ќе биде дозволен рекреативен риболов со блинкер во Охридско Езеро.
Вторник 04.09.2012год.
Јас заедно со еден мој пријател се наоѓаме на риболов во Глобочичко Езеро. Добивам повик на телефон и дознавам дека „блинкерот“ (популарен назив за риболов со блинкер на влечење во Охридско Езеро) дефинитивно ќе биде дозволен во двата дена од викендот. Веднаш заборавивме на тамошниот риболов и почнавме психолошки подготовки за саботата, како прв ден за „на блинкер“.
Прва работа што ни текна е дека за сабота ќе ни требаат два стапа. За „на блинкер“ се користат стапови од леска долги 4 - 6 метри. Старите од пред 8 години веќе не се во функција па мора да собереме нови. Веднаш се пуштивме во потрага по такви стапови во планината блиску до нас. Најдовме, пресековме ...
Среда 05.09.2012год.
Во Струга веќе на долго и широко се зборува за „блинкерот“. Сите научиле дека ќе биде повторно дозволен. Се прават планови, стратегии, но најважно од се беше да се пречекаат стопанските риболовци, кои истиот ден почнаа со стопанскиот риболов, и да се купи ум од нив: каде да се лови, на каков блинкер, на која длабочина и сл.
Во меѓувреме се слушнав со мојот ортак за „на блинкер“ - Дени и падна договор за сабота да се оди по секоја цена.
Додека дојде време за да се вратат стопанските риболовци решив да ги спремам стаповите што ги собрав изминатиот ден, тоа значи да ја извадам кората од нив, да ги измазнам убаво колку што можам и да ги врзам за некоја цевка за да се исушат и да останат прави. Тоа ми одзеде цел ден. Рацете ми потекоа од стружење
.
Стигнаа и рибарите ... Сите се жалат. Пастрмка многу ретко удира, викаат, но белвица по „вежда“ ( границата каде што наеднаш почнува голема длабочина во ОЕ ) има и тоа крупна.
Четврток 06.09.2012год.
По добиените сознанија од рибарите, почнуваме со детални подготовки. Треба да се најдат блинкерите и ставите (конците што се користат за овој начин на риболов ) кои не сум ги видел 8 години. Откако после еден час барање ги најдов почав со нивно средување. Блинкерите детално ги проверив, дали трокуките се во ред, дали жицата им е кородирана и на крај сите еден по еден ги исчистив за да светнат. После тоа следеше средување на ставите. Во минатото беше дозволено максимум 5 блинкери на става, а сега се дозволени 7 блинкери. Мораше да направам нови стави со 7 блинкери, во случај да се оди подлабоко, и да ги оспособам старите пократки стави затоа што сознанијата велат дека треба да се лови поблиску до обала, во поплиткото.
Целиот ден го потрошив во плеткање и меткање со конци.
Петок 07.09.2012 год.
Ден пред долго очекуваниот риболов. Возбудата расте. Муабетите се интезивираат. Некој ќе оди, некој нема да оди затоа што го продал чамецот или пентата, некој нема да оди затоа што има други обврски, некој нема да оди затоа што немало риба, но како и да е сите разговараат на иста тема.
Јас и мојот ортак Дени сеуште немаме обезбедено чамец, а дозволи веќе извадивме. Чамец ... Мојот е со две дупки, рака да можиш да ставиш во нив, а Дени има чамец ама оваа година не го средил воопшто и не го пуштил во езеро. Ако, нема врска, цело лето на обала, а сега има да плови до средина на октомври ( кога завршува „блинкерот“ ). Го пуштивме чамецот, проверивме дали пропушта вода, откако видовме дека е здрав, правец дома да ги дотераме пентите. Се проверуваат свеќици, се менува масло во перката, и се друго.
Сабота 08.09.2012 год.
После непреспана ноќ, од возбуда, конечно дојде 3 часот. Со Дени сме договорени во 3.30 часот да дојди дома, затоа што сум блиску до езеро и сите ствари се кај мене. Во 3.10 часот звони телефонот и Дени вика јас сум кај тебе во двор, не можев да спијам и дојдов порано
. Пијаме едно кафе во двор и одиме на плажата каде го чуваме чамецот. Први сме. За кратко доаѓаат и нашите пријатели со кои се договоривме да тргниме заедно и, уште од првиот муабет пред недела дена, развивме ривалство за тоа кој со чија стратегија ќе е поуспешен. Се товаривме во чамците и тргнавме. Точно во 4.10 часот ја напуштивме обалата.
Еве ја и победничката екипа
Јас и Дени
Ова е Струга гледана од езеро во 04.30 часот
Еве ги и нашите пријатели со кои изминатите денови се препукувавме за стратегијата
На посакуваната локација стигнавме во 05.00 часот. Ноќе. Ги пуштивме ставите и почекавме да се раздени. Стаповите што ги собравме пред некој ден беа спремни за акција
Кепчето што го купив специјално за оваа прилика беше на готовс.
Пред изгрејсонце решивме дека ќе пробаме да уловиме некоја шарена убавица, иако рибарите ни кажаа дека тоа е многу тешко, ние сакавме да си ја пробаме среќата
.
Но, удари од пастрмка
немаше
.
Тоа не беше причина да не наздравиме за добар риболовен ден со чашка ракија и салатичка од овчо сирење
Изгрејсонцето гледано од средина на Охридско Езеро е гледка што не може да се купи со пари. Прекрасна гледка. Една риба да не фати човек ама доволно е само ова да се доживее
Откако го видовме изгрејсонцето, конечно решивме да ги послушаме советите на рибарите
и да одиме во поплитко. Да си фатиме некоја белвица ако не сака веќе пастрмката. Па и во поплиткото може да удри и пастрмка, и тоа од поголемите.
Откако се приближивме на посакуваната длабочина, на околу 25 - 30 метри, почнаа да се редат ударите
Имаше и неколку откачувања. Еве еден момент кога при мојот обид да фотографирам вадење на една белвица ... избега.
Ако ќе дојде друга.
Удари се редеа до кај 12.00 часот. Извадивме 9 белвици.
И ... затишје. Околу нас имаше повеќе чамци кои риболовеа на тој дел од езерото.
Колку што можевме да видиме никој ништо не вадеше.
До 16 часот ... ништо.
Само што решивме да си одиме фативме уште една белвица и тоа беше се за овој прекрасен риболовен ден.
Пастрмка не успеавме да фатиме. Најверојатно сеуште е во поголеми длабочини. Но, се на се одличен провод и тема за муабет до 07 октомври кога повторно ќе биде дозволен „блинкерот“. До тогаш ... сумирање на грешките, средување на опремата, правење нови стратегии, провоцирање на другите риболовци
...