http://kanal5.mk/default.aspx?mId=37&eg ... ntId=92657
Дебрани со протести против концесионер од Велешта
Комисијата за концесии на стопански и рекреативен риболов и предложила на Владата концесијата за Дебарското езеро и реката Радика, да ја добие здружение од Велешта. Досегашните концесионери, рибари и граѓани на Дебар незадоволни, бараат од Владата да не ја усвојува предлог одлуката, во спротивно најавуваат протести.
[Дебрани со протести против концесионер од Велешта ]
Дебрани не го даваат езерото и Радика на концесионер од друга општина. Во нивно име ставот за Канал 5 незадоволството и револтот поради најавата дека надлежната комисија во наредните пет години одлучила нов концесионер да биде здружението „Ловец“ од Велешта- струшко го изнесе првиот човек на спортското риболовно друштво „Трофта“.
- Не само ние како спортско риболовно друштво„Трофта“ и еколошкото друштво „Дешат“, туку сите рибари и пошироката јавност во Дебар се многу револтирани и се против да се даде концесијата на некој друг кој доаѓа од надвор да го користи нашето богатство кое е богатство на овој народ и на овие жители што живеат во Дебар, вели Фатмир Даци, претседател на СРД „Трофта“.
Според Даци, доколку Владата не пресече и не донесе праведна одлука околу концесионерството, ќе бидат превземени сите чекори, почнувајќи од протести, па се до попречување на новиот концесионер да располага со езерото. Уште повеќе што комисијата предлага да му се даде концесија не само за рекреативен, туку и економски риболов, што во никој случај не би требало.
- Ние сме конкурирале само за спортски риболов и сметаме дека во Дебарското Езеро треба да дозволи само рекреативен риболов, а во никој случај стопански риболов бидејќи ова езеро нема капацитет затоа, тврди Даци.
Дебарските друштва „Трофта“ и „Дешат“ концесионери на езерото беа пет години. Претходно, триесет и пет години со него стопанисуваше ХЕЦ „Шпилје“. Повеќе од две години езерото е без концесионер. За волја на вистината поради масовното крадење на риба езерото кое некогаш беше познато по богатиот и разновиден рибен фонд денеска е едно од најсиромашните.
Вера Тодоровска