Една добра вест, како дел од една не толку добра вест
Китка ќе оди курбан за хотел и фарми
На планината Китка, која со својата дивина му пркоси на градскиот метеж, ќе никнат луксузен хотел, фарми, оранжерии, органска храна, па дури и скијачки патеки. Инвеститор е бизнисменот Адем Абдулаи, сопственик на маркетите „Принц“, кој најавува дека, всушност, ќе развива летен и зимски туризам. Жителите на селата што гравитираат околу Китка, како и сопствениците на куќи и викендички во ова популарно градско место за одмор и рекреација, се поделени во размислувањата. Едни се задоволни што, пред се', некој конечно ќе го среди патот преполн со кратери, други, пак, негодуваат што и Китка ќе стане достапна за сите, а не само за вљубениците во природата.
До Китка се стигнува преку Драчево, по што патот долг триесетина километри води преку селата Долно и Горно Количани. До тука патот и не е толку лош, но потоа престанува асфалтот, се налетува на дупка до дупка и освен џип, тешко дека може да мине друго превозно средство, особено ако е врнежливо. Сега таму работи градежна механизација. Инвеститорот го тампонира патот, а за асфалтирање се очекува помош од Општина Студеничани, но таа засега изостанува.
Бизнисменот Абдулаи има големи планови на планината. Го купи рибникот, се одгледува органска храна, во фармите ќе има добиток и стока што ќе се храни без конзерванси. Здравата храна ќе им се служи на гостите во елитниот хотел што се гради до рибникот.
„Во првата фаза, хотелот ќе има 30 соби, а на крајот, околу 150 соби“, најавува Абдулаи. Тој вели дека важно е да се гради квалитетно без да се брза, иако, доколку се' биде во ред, хотелот би можел да проработи и до крајот на годината. Проблем претставува што во месноста околу рибникот, се' уште нема струја, но се очекува и тој проблем да биде решен. Во следните планови е изградба на скијачки патеки зад планинарскиот дом Караџица.
Дел од граѓаните, пак, се лути што планината ќе биде узурпирана.
„На Водно се изгради жичарница, се исекоа дрвјата, а сега истото ќе се случи и со Китка. Тука доаѓаа само луѓе што ја сакаат природата, оти поголем дел нема струја. Единствено патот што е за никаде, ама подобро тоа отколку Китка да стане место за елитен туризам“, негодуваат дел од викендашите на планината.
Абдулаи вели дека ги има добиени сите потребни дозволи за градење. Во Општина Студеничани не сакаа да коментираат околу градежниот бум на Китка.