И од мене неколку збора за светското и за иднината наша како држава во овој спортски риболовен правец
1. Мислам дека во Македонија има спинерџии кои можат да ги вкрстат трските со најдобрите во светот и да бидат во врвот, тоа треба да ни биде јасно и треба тоа да се искористи. Да треба да ги почитуваме најдобрите во светот, да учиме од нив, но не да ги преценуваме, тие не се недостижни, бевме, видовме и се уверивме. Наш Предраг тоа најдобро го покажа, можеше да биде 1, можеше да биде 3-ти, 7-ми, 10-ти....небитно. Покажа дека со добра работа, со вежбање, со поклапање на коцките со излази и боксови, со сплет на околности, математики и бројки, може да се биде во врвот. Борбата со најдобрите претпоставувам ја осетија сите што беа дел од репрезентацијата.
За мене ќе остане незаборавен вториот ден од првенството кога ја имав можноста во мојот сектор да се борам со дел од најдобрите во светот кои на крајот во поединечна конкуренција беа, број 1-светскиот првак словакот Лукаш Холи, 4-тиот русинот Александар Воробиев, 5-тиот Томас Подкул, бугарот Горги Гетов и плејада други светски сили.
Сите овие имиња после 3 рунди беа позади мене, јас бев Прв во сектор, а сите останати беа позади мене. Нит ги читав кои се, нит ме интересираа нивните резултати, без респект кон никој си влегов со моја игра, со верба во моите мамки и стил, не есапев ништо што се случува околу мене, освен Срѓан кој ми беше огромна помош во позадина. Во првата рунда како во транс за 45 минути успеав да извадам 40 риби, што ми ја качи самодовербата и убеденоста дека е добро тоа што го правам. Втората рунда 18, третата 8 риби и бев прв во сектор. Нит се радував нит се преоптеретував како ќе завршам. Ловев како во транс. Доволно ми беше чувството што веќе го стекнав дека можам секого да победам, дека ние Македонците не сме за фрлање и дека може да поматиме многу сметки. За жал во четвртата рунда после лошиот излез шетајќи по боксови успеав да извадам само 5 риби и дел од другите ми го земаа првото место и во сплет на бројки и негативни поени паднав на 5то место за тој ден.
Тоа беше одличен резултат, но само за тој ден- Неделата, за жал првиот ден од првенството Саботата имав лош резултат (со причина) и севкупно се пласирав на 39 место од вкупно 85 натпреварувачи. Сепак осетив дека може да се бориме со најдобрите. Убеден сум дека сличен резултат и многу подобар може да направат и Давор и Мишо и Перица и повеќе други спинерџии од Македонија, за Предраг веќе се покажа. Ако се погодат работите и сите 4-ца репрезентативци имаат по два добри денови Македонија со сигурност би можела да биде во ТОП 5 нации во светот во некое следно светско.
Затоа би сакал да споделам дел од моето искуство што сметам дека е најбитно, пред се за оние спинерџии кои беа дел од македонската лига, а неможеа да дојдат на светското, или пак за оние кои ќе учествуваат во иднина и ќе ја претставуваат нашата земја на некои други светски првенства во спин.
- Опремата со која се фаќа треба да биде одлично проверена, да се има искуство, вежбање и доверба во истата и да се сведат на исклучок проблеми поврзани со трската (тврда, мека, акција ваква или таква), конецот (се гледал или не се гледал, крут или еластичен, потенок или подебел, се сукал или не се сукал) и машинката.
- Кепчето е една од најсуштинските алки за вакво натпреварување кое мислам дека во нашите рекреативни кругови го нема значењето што го има на натпреварување од проста причина што кога ловиме рекреативно скоро никогаш не брзаме, ниту пак ловиме толку риби бројчано. Затоа секој кој сака да учествува на натпревари мора да се опреми со добро кепче. Добро кепче значи: Кепче кое има мрежа која во најмала мерка ќе ги задржува јадиците/трокуките, т.е нема да ги плетка. Како најдобри се покажаа целосно гумените мрежи и мрежи од дебел рибарски конец. Втор услов за добро кепче е мрежата да биде плитка, по мене не треба да биде подлабока од 30 сантиметра, сосема доволно да ја собере пастрмката и во најбрзо време да можеш да ја извадиш, без да има можност да се препелка и сука внатре во мрежата заедно со мамецот во уста (што се случува со подолгите мрежи). Трет услов е кепчето да биде лесно со цел побрзо и полесно да се работи со него, а верувајте многу се работи и тешко кепче во комбинација со риба и посилна вода значи само губење на време и потешкотии во вадењето.
- Стилот на фаќање – Под стил подразбирам што спинерџијата најмногу преферира да фрла, блинкер, воблер, силикон. По мене една од најклучните грешки на натпревар, дали под влијание на околината или сопствениот мозок, е да губите време и да ловите со нешто што не го владеете, или пак не го владеете до оној степен како што работите со другите стилови. Јас првиот ден од натпреварувањето Саботата губев на моменти драгоцено време пробувајќи силикон кој не го владеаам добро и резултатот на крајот од тој ден беше лош. Ако си добар во блинкер и воблер терај со тоа, ако си добар со блинкер и силикон терај со тоа, ако си добар со силикон и воблер терај со тоа. И да си добар во трите по мене нема доволно време да менуваш повеќе блинкери, силикони и воблери во една рунда. Додека ти менуваш другите вадат риби. По мене треба да се има фокус и верба во својата техника, резултатот ќе стигне.
- Брзина – Треба да се работи на брзина на работење, од моментот на закачување на рибата па се до следното зафрлање на мамецот во вода има куп елементи кои може со вежбање да се подобруваат во смисла да се прават побрзо. Самото водење на рибата, начинот каде го носиме, каде го оставаме и како работиме со кепчето, начинот на кој се откачува рибата, пеанот, враќањето на рибата во вода, отплеткување на мамецот од мрежата, кинење и брзина на преврзување, достапност и носење на копчи, глави и мамци за брзо менување...сето тоа бара брзина, особено кога рибите се тука и треба да се извадат што повеќе.
- Прецизност на зафрлање е исто така една од најбитните елементи. Треба вежбање, вежбање и вежбање многу. Осетот на трската и мамците и нивното пласирање е особено битно. Ако падне добро мамецот има риба, ако падне покусо може да нема риба, ако отиде над отиде на гранки и следи нервоза и кинење, затоа прецизноста е доста битна.
- Ако се има лош излез, т.е натпреварувачите пред тебе веќе ги зафатиле боксовите кои се сметаат дека се подобри и кои потенцијално се смета дека даваат повеќе риби, треба да се биде спремен, спретен и мобилен за побрзо менување на боксови, или шетање, или трчање што би рекол некој. Во 45 минути треба да се проба на повеќе места да се добијат повеќе риби, не треба многу задржувања и губење време, особено со избоцкани риби кои не се до толку агресивни за напад на мамецот од прва.
- Мамките кои си ги знаеме како добитни треба да ги имаме по две или три. Тоа кошта, но јебига, кога ќе скинете нешто што го имате само едно е катастрофално нервозно.