Вчера Здружението Рибар 2011 испрати допис, писмо до МВР на РМ.
Се надеваме дека ке се реагира и превземат одредени мерки од нивна страна за да колку - толку се стави ред во риболовот во Р.М.
Во продолжение го имате писмото во целост.
До: Министер за внатрешни работи
Почитувана г-ѓа Јанкуловска,
Ви се обраќаме од името на најголемиот број загрижени љубители на риболовот, од името на најголемиот риболовен веб сајт и форум во Македонија
www.ribar.com.mk и од името на здружението на риболовци “РИБАР 2011”.
Секојдневно и постојано до нас стигаат сведочења, поплаки и жалби за риболовен криминал во цела Македонија. Најголемиот број на води (реки и езера во Македонија) се уште немаат свој концесионер и заштитник, а во такви случаи грижата за нив е на државата и на институциите. Сепак, на терен царува криминалот, а револтот од истото се префрла и кон институциите и Владата. Бројката на љубители на риболовот се проценува на над 50.000 и сите тие гледаат што се случува и нервозата од ден на ден се зголемува. Ова е посебно изразено поради фактот што Мај и Јуни се месеци во кои најголемиот дел од рибите во сите води се мрестат, т.е се раѓаат нови поколенија, огромни јата на риби во овој период се доближуваат до бреговите на водите и се мета на секаков вид на рибо-криминалци, од кои најголема штета прават оние кои пуштаат мрежи.
Само за пример колкава е штетата: Една плодна риба во себе може да носи и до 1.000.000 јајца, (идни риби), а во моментов од македонските води се изнесуваат плодни риби со тони и завршуваат во фрижидери, замрзнувачи, на пазари, по ресторани и слично. Со тоа се убиваат милијарди идни риби и цели генерации на македонско национално богатство. Додека во некои соседни земји прават туризам од тоа што имаат реки и езера богати со риби, а риболовци од целиот свет со автобуси и авиони доаѓаат да риболоват на такви води и оставаат огромни средства, кај нас се е удрено на криминал, краде секој кој стигне, а државата покажува голема немоќ. Притоа, во споредбите не зборуваме за некои западни земји, само пример: во Словенија за еден ден риболов странец потребно е да плати 40 евра дневна карта, 180 евра дневно за водич и секако за престој дополнително, или сублимирано околу 250 евра од еден риболовец, само за еден ден риболов. Вакви примери има и во Србија, Хрватска, Бугарија, па дури и во Босна. Македонија засега е индиферентна кон овие можности и е на опашката на земјите од Балканот.
Од овие причини, а знаејќи дека МВР знае да направи одлични чекори во секоја од своите надлежности МОЛИМЕ И БАРАМЕ, што поскоро во овој месец (поради тоа што сега е мрест на рибата) да спроведете повеќе акции за фаќање на криминалците кои фрлаат мрежи и користат други незаконски средства за риболов и истото добро да се промовира во јавност, со цел и превентивно да се делува за понатаму.
Во прилог Ви ги испраќаме и локации каде што во изминатиов период се забележани сите тие криминогени активности што Ви ги опишавме погоре, а што се сублимирани во Член 93 од Законот за рибарство и аквакултура
Член 93
(Забрани)
Во риболовните води е забрането:
- стопанисување со рибите за кои нема изработено риболовна основа,
- стопанисување, доколку не е добиено одобрение на годишниот план,
- стопанисување, спротивно на риболовна основа и годишниот план,
- ловење риби за време на мрестењето на рибите или за време на ловостој утврден во риболовната основа,
- ловење риби во риболовни води кои се времено или трајно забранети за риболов,
- ловење риби под одредена големина и над дозволена количина утврдена во риболовната основа,
- ловење риби со разни видови мрежи без дозвола за стопански риболов, или со други риболовни средства забранети за вршење риболов, како и со огнено оружје, експлозиви или хемиски и други средства со кои се повредуваат, убиваат, трујат или зашеметуваат рибите,
- електрориболов,
- ловење на риби со насилно закачување на рибата со риболовен прибор
- ловење риби со ости, подводни пушки, непосредно со раце, трокуки, како и со мрежичка на трска, а за рекреативен риболов,
- загадување на риболовната вода со штетни и опасни материи кои можат да го изменат или влошат постојниот квалитет на риболовната вода или дел од истата и на тој начин да се загрозат рибите и другите животински или растителни организми,
- ловење риби со преградување, исцрпување и пренасочување на риболовната вода,
- порибување со нови видови риби без претходна согласност на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,
- ловење риби во променет режим и квалитет на водите,
- ловење на ретки и проредни видови риби на одделни делови или на сите риболовни води,
- ловење риба над предвиденото количество со риболовната основа, и годишниот план,
- движење или задржување во непосредна близина на риболовните води со носење мрежа, експлозив или други забранети риболовни средства и
- движење или задржувањe на лица во непосредна близина на риболовните води со носење риболовен прибор, а не поседуваат дозвола за рекреативен риболов.
Локации кои се нападнати од мрежари:
Преспанско езеро на многу места покрај трските
Дојранско езеро на многу места покрај трските
Козјак (на потегот од вливот на река Треска па се до околината на село Близанско),
Мавровско езеро: (под споменикот кај Маврови Анови и околина на село Леуново
Река Пчиња: Од вливот на реката во Вардар па нагоре кон манастирот Богородица, кај бањата, кај Катланово, и на делот помеѓу Долно и Горно Коњаре
На езерцата Бадар – катлановско
Треска скопски дел: Потегот од Сарај до Шишево/Глумово
Црн Дрим: Кај Добовјане и пред Ташмаруништа, кај трските
Езеро Паљурци
Езеро Стрежево
Езеро Мантово
Езеро Водоча
Езеро Турија
Езеро Калиманци (влив на езерото, Каменички залив (заливот пред М.Каменица), село Луковица кај гробиштата до патот и теснецот кај село Иљово.
Дебарско езеро
Река Вардар од село Марвинци кон Гевгелија
Река Брегалница од вливот на Злетовска река до Виница, Истибања, пред влив во Калиманци,над Делчево,село Тработивиште и нагоре.
За сите дополнителни информации и волонтерска помош стоиме на располагање.
Со почит,
Сашо Васков (Претседател на ЗРСРК РИБАР 2011)
_________________
Од името на здружението, од името на
www.ribar.com.mk и поголема група риболовци