Еколошки инцидент се случил викендов албанската страна на Охридското Езеро, кај селото Дрилон во близина на граничниот премин „Св. Наум“. Според информациите од Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид, во водите на езерото биле излеани големи количини непречистена вода, најверојатно поради дефект на пречистителната станица што се наоѓа во непосредна близина.
Локалното население веднаш реагирало на инцидентот, пријавувајќи го случајот и кај надлежните институции во Албанија и кај екологистите од Охрид.
Првичните информации до кои стигнале надлежните од ЕД „Грашница“ укажуваат дека се работи за загадување на Охридското Езеро со фосфор, мошне опасна материја што го забрзува процесот на стареење на езерото.
Слични инциденти се пријавувани и претходно на албанска страна на Охридското Езеро. Токму поради тоа охридските екологисти честопати реагирале кај Билатералниот секретаријат за заштита на езерото, со барање за проверка на сите инсталации за транспорт и третман на отпадни води долж крајбрежјето.
Загадувањето со фосфор доведува до енормно збогатување на водите со органски материи односно подлога за развој на повисоки облици водна вегетација, што пак води кон намалување на количеството кислород во водата. Прва на удар потоа е рибата, во случајов пред се ендемскиот вид охридска пастрмка која живее во вода богата со кислород. Загадувањето со фосфор доведува до изумирање на езерото и во крајна фаза - негово претворање во мочуриште.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?I ... DB7E9EEFF0